Во рамките на есенската сезона на садење денеска на улица „Максим Горки” беше засаден дрворед од 18 висококвалитетни повеќегодишни садници од видот јапонски цреши (како донација од вработените во локалната канцеларија на Европската банка за обнова и развој во С. Македонија.)
– Во името на Град Скопје сакам да упатам благодарност до вработените во локалната канцеларија на ЕБОР за овој хуман гест кој значи многу за Град Скопје. Интензивно работиме на зголемувањето на зелените површини во Скопје, а оваа есен посебно внимание посветивме на обновување на постојните и формирање на нови дрвореди кои му се потребни на нашиот град – истакна во своето обраќање градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Тој додаде дека го радува фактот што дополнително многу општествено одговорни компании покажале интерес за донации во делот на градското зеленило, што е само уште еден доказ дека сѐ повеќе се крева свеста за значењето на зелените површини за животната средина во градот.
– Овие убави дрвја ја симболизираат нашата релација со градот, и придонесуваат за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје. Ова е приоритет за ЕБОР, кој веќе има инвестирано во поддршка на плановите на Градот за почист јавен превоз и работи со градските и општинските власти на Акцискиот план за Зелен град, кој воедно ќе понуди систематски решенија за нови инвестиции и политики – изјави Анди Аранитаси, директор на ЕБОР Северна Македонија.
Град Скопје во рамките на есенската сезона на садење предвидува уредување на повеќе нови зелени површини, и обновување на неколку стари зелени површини на различни локации во градот. Во текот на изминатиот период е оформен дрворед пред објектот на Пошта, а се засадуваат и нови садници на плочникот пред ГТЦ.