Драстичната промена на времето ќе нѐ направи нервозни

Може да се јават и промени од психичка природа како умор, еве, на пример, денеска сите се чувствуваме некако уморно, но можни се и нагли промени на расположението - од безволност до зголемена раздразливост, вели д-р Карева Пиловска.

865
20150617 Wednesday 1347 poroen dozd skopje letno nevreme leten dozd vremenska prognoza

При нагла промена на времето сме и понервозни, поимпулсивни, а може да се појави и несоница. Многу е важно бегството во природата – колку што е можно повеќе да престојуваме на чист воздух, да бидеме опкружени со зеленило и да „гушнеме“ некое дрво, советува д-р Елена Карева Пиловска, специјалист психијатар и шеф на смена во скопската Служба за итна медицинска помош.

Температурите од денеска попладне значително ќе опаднат и тоа за повеќе од 10тина степени, па од плус 23 степени Целзиусови колку што беа измерени деновиве, в среда наутро минималните ќе се спуштат и до минус 3, а дневните ќе се движат од 6 до 13 степени.

Лекарите од Брза помош објаснуваат како оваа драстична промена ќе се одрази врз нашето здравје.

– Секако дека постои врска меѓу здравствената состојба и временските прилики, особено при нагли промени во атмосферскиот притисок. Временските осцилации како наглата промена во температурата, влажноста и атмосферскиот притисок, може да доведат до промена во здравствената состојба во организмот и кај хронично болните, а сѐ почесто и кај дотогаш недијагностицирани, навидум здрави лица. Промената во здравствената состојба кај здравите лица е поради зголемениот стрес кој дополнително го намалува имунитетот на организмот. Може да се јават и промени од  психичка природа како умор, еве, на пример, денеска сите се чувствуваме некако уморно, но можни се и нагли промени на расположението – од безволност до зголемена раздразливост – вели д-р Карева Пиловска.

Таа додава дека при ваква нагла промена на времето сме и понервозни, поимпулсивни, а може да се јави и несоница.

– Може да се јават мачнини и вртоглавици, а сега тегоби ќе почувствуваат и  астматичарите поради зголемената влажност во воздухот, а ќе се јавуваат и влошувања на симптомите (егзацербации) кај лицата со хронични заболувања, како срцеви и белодробни и кај лицата со зголемен крвен притисок. Важно е да се напомене дека ако е низок атмосферскиот притисок, кај лицата кои се со низок крвен притисок може да дојде до пад на притисокот, па според симпомите, тие треба да внесуваат повеќе течности. Затоа, многу е важно бегството во природата – колку што е можно повеќе да престојуваме на чист воздух, да бидеме опкружени со зеленило и да „гушнеме“ некое дрво! – додава д-р Карева Пиловска.

Таа предупредува дека промените на времето секако може да ги почувствуваат лицата со висок притисок, но ако се бурни реакциите, со силно срцебиење и зголемен притисок, во тој случај овие лица, како што вели д-р Пиловска, да не се правдаат со „ништо не ми е, тоа е само од времето“, туку задолжително да се јават на лекар.

Во Брзата помош е зголемен бројот на повици, но лекарските екипи интервенираат кај пациентите со акутно животно загрозувачки состојби, но често и кај хронично болните со нагли влошувања на здравствената состојба.

Од УХМР прогнозираат дека облачно, ветровито и врнежливо време ќе преовладува до утре до средината на денот. На планините и на повисоките места ќе се формира снежна покривка. Ќе дува умерен до засилен северен ветер кој ќе биде најизразен утре претпладне, а дневните температури ќе бидат во значително опаѓање.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...