Драган стои на раце по планини, се натпејува со птиците во дивината

За време на многуте организирани планинарски акции, овој 56-годишен човек претставува атракција со стоењето на раце и со свирењето на усна хармоника.

573

Драган Цикуроски од Прилеп планинари четириесетина години низ планините во земјава и во странство. За време на многуте организирани планинарски акции, овој 56-годишен човек претставува атракција со стоењето на раце и со свирењето на усна хармоника.

– Живеам под Маркови кули и отсекогаш сум ги сакал камењата и планините – вели Цикуроски.

Уште како мало дете бил многу подвижен и научил да стои на раце. Од дете многу ја сакал атлетиката, а научил да скија и да плива. Играл фудбал и генерално, ги сака сите спортови. Својата вештина на стоење на раце ја искажува и на карпи.

Но, неговите вештини не запираат на спортот, туку се шират и кон музиката. Уште од најрана возраст, некаде од околу три-четири години почнал да свири усна хармоника што исто така го смета за свој талент.

– Од прва, веднаш ја засвирив „Билјана платно белеше“. Како цел живот да сум ја свирел. И оттогаш редовно свирам, особено кога сум на планинарење – кажа тој, а неговите пријатели додадоа дека тој и птиците се натпејуваат во природата.

По професија е машински техничар. Затоа знае да каже дека како што има техника во машинството, така има и во стоењето на раце и во свирењето на усна хармоника.

Оние што го познаваат, велат дека околу себе шири само позитивна енергија. Секогаш е забавно да се биде во негово друштво. Во тоа се уверивме и самите во неколку планинарски доживувања.

Драган е член на планинарското друштво „Картуш“ од Прилеп.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...