Никој не ми се заканувал, ниту пак имам каков било притисок во мојата партија, со завршување на референдумот, за мене заврши тој процес на изјаснување, вели Драган Данев, координатор на ВМРО-ДПМНЕ за Плусинфо кој претходно изјави дека нема да гласа ни за измени во Уставот, предвидени со преспанскиот договор.
По најавите на социјалдемократите кои синоќа на извршниот одбор на партијата ги потврдија претходно изнесените ставови на лидерот Зоран Заев дека неделава ќе продолжат обидите да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието преку разговори со пратениците, Данев вели дека во случај да добие таква покана, нема намера да ја прифати.
– Ако Заев или кој било од СДСМ побара средба, јас ќе ја одбијам – вели Данев и истакнува дека ќе ја почитува и ќе ја следи само недвосмислено изрзената волја на македонскиот народ кој, како што додава, на референдумот го отфрли Договорот со Грција и не дозволи промена на уставното име на Македонија.
Во врска со негативните и заканувачки пораки и коментари на Фејсбук, вели дека станува збор за една група од триесеттина луѓе, но дека од своите сопартијци или од раководството во партијата немало никаков притисок, ниту пак имало место за такво нешто со оглед на јавно декларираниот партиски став за слободно постапување и изјаснување на 30 септември.