Партијата на Мендух Тачи најверојатно ќе нема свој кандидат за претседателските избори туку ќе го поддржи кандидатот на владиниот партнер СДСМ. Ова се позициите на потпретседателот на ДПА Азем Сдику, кој сепак, додава дека партијата деновиве на Централно претседателство ќе решава за позициите за претседателските и за евентуалните предвремени парламентарни избори.
– Сѐ уште не сме одлучиле дали ќе излеземе со претседателски кандидат, но преовладува идејата да не излеземе со партиски кандидат. Едно е сигурно, кандидат Албанец не може да победи и ние сме должни да ја максимизираме тежината на албанскиот глас. Цениме дека за нас би бил прифатлив кандидат кој практично ќе работи и ќе продолжи со проектот за интеграција во НАТО и во ЕУ. Само таква фигура, која би ги исполнила овие услови и ќе ја забрза интеграцијата на земјата, би била прифатлива за нас – вели Садику.
Тој смета дека мали се шансите албанскиот блок да застане зад заеднички претседателски кандидат.
Кога станува збор за парламентарните избори, Садику смета дека сега не е време да се оди на двојни избори, бидејќи како што вели, Македонија поминала низ тешка година, решила крупно и тешко прашање и сега е време целосно да се посвети на економијата.