До 5 март ВМРО-ДПМНЕ се очекува да ги објави имињата на носителите на кандидатските листи во шесте изборни единици во земјата за претстојните предвремени парламентарни избори, додека останатите имиња од листите не подоцна од 10 март, изјави денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
– Најголем дел луѓе за првпат би се нашле на листи, но ќе има и такви чие што искуство е потребно во рамките на пристојно функцонирање во Парламентот – изјави Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го оцени функционирањето на техничката влада и однесувањето на владата пред да биде именувана техничката како исклучително нефер и недостоинствено во процесот на спроведување фер и демократски избори. Но, потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ не се жали.
– Напротив, и покрај сите предизвици како злоупотреби во буџетот, вештачки вработувања и натрупувања во државната администрација, се уште замрзнатиот имот на партијата, неисплатеното со закон загарантирано финансирање на политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ е убеден во мудроста на граѓаните и во огромна победа на 12 април – додаде тој.
Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање го повтори повикот за ТВ дуел до лидерот на СДСМ Зоран Заев.
– ТВ Дуелот е добра алатка за да се соочиме пред граѓаните, двајцата кандидати за мандатари во идната влада, логично е да имаме едно изборно соочување. За време на изборите претпоставувам дека ќе имаме и други можности да поразговараме за понудата, но добро е да направиме еден рекапитулар на годината што поминала. Го повикувам да не се крие, да излезе и да поразговараме пред граѓаните околу реалната ситуација, дали блескаме, или сме во мизерија, дали вистина оди напред по правиот пат или на државата и треба обнова од овој пекол што го направија – рече Мицкоски на прес-конференција.