До понеделник ќе се знае и прашањето и видот на референдумот

Во однос на прашањето, премиерот Зоран Заев веќе ја даде насоката во која тоа би се движело: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?

835

Пратениците синоќа експресно со 100 гласа „за“ го избраа новиот привремен состав на Државната изборна комисија (ДИК) и конечно ги создадоа потребните услови за одржување на референдумот, кој според сите најави, треба да се одржи на 30 септември.

Ако овој датум и официјално биде избран, тогаш во наредните три до четири дена треба да бидат познати сите детали, околу видот и референдумското прашање.

Законот налага дека од денот на објавување на одлуката за распишување во Службен весник до денот на одржување, не смеат да поминат помалку од 60 дена што значи дека ако референдумот се одржи на 30 септември, до понеделник (30 јули) истиот треба и да се распише.

До тогаш, власта и опозицијата ќе се обидат да постигнат договор, разговорите на парламентарно ниво се во тек, а во случај да дојде до фијаско за ова прашање, исто како и на лидерската, на референдум ќе се оди без ВМРО-ДПМНЕ.

Во одлуката за распишување која треба да се донесе до понеделник, покрај датумот, треба да биде прецизирано и прашањето и видот на референдумот.

Во однос на прашањето, премиерот Зоран Заев веќе ја даде насоката во која тоа би се движело: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?

Прашањето, според закон, треба да биде прецизно формулирано и недвосмислено, граѓаните да може да го разберат и да одговорат со „За“ или „Против“.

Кога станува збор за видот, првичните најави од Заев беа дека најверојатно ќе биде консултативен бидејќи, како што објасни тој, законот налага дека кога граѓаните се изјаснуваат на референдум за нешто што треба да се направи во иднина (во случајот, уставни измени и потоа влез во ЕУ и НАТО) тогаш се распишува консултативен.

Меѓутоа, премиерот вчера изјави дека тие се отворени за расправа за прашањето дали референдумот да биде консултативен или обврзувачки.

Откако Собранието ќе го распише референдумот, подготовките и спроведувањето ќе бидат во рацете на новата ДИК која ќе ја има истата улога како и при сите други изборни циклуси. Ќе треба да обезбеди материјали, да испечати гласачки ливчиња, да го среди Избирачкиот список, да ги информира граѓаните и да ги обезбеди сите технички услови.

Во периодот пред референдумот, исто како и пред избори, ќе се води јавна пропаганда, а ќе има и молк кој ќе започне 48 часа пред гласањето.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...