До кога ајдуците ќе бидат газди!?

Сите оние што го очекуваа подоброто утре и „живот за сите“ отворено се прашуваат: Кога арамиите и сите други кои десет години цицаа и од народот и од државата и кои земјата ја задолжија до гуша и кои Македонија ја скараа со сите, ќе поднесат сметка.

1928

Новата Влада дојде пред повеќе од една година. Дојде со ветување дека ќе направи промени и дека ќе обезбеди „Живот за сите“. Арно ама најде празни каси и големи долгови. Претходниците собрале сѐ. Не оставиле ама баш ништо. Новите градоначалници најдоа куп неплатени сметки. Сметки за струја, комуналии, за превоз на ученици и за што уште не.

Така рекоа од првите луѓе во Владата па сѐ до градоначалниците. Јавно рекоа дека тие пред нив однеле сѐ. И толку. Времето си минува, а работите стојат на место. Животот за сите го нема никаде. Како да се изгубил и тој во некоја од неплатените сметки. Низ шепот рекоа: „Народе со празна каса што можеме да се направиме!“. Иако низ шепот јавно кажаа. Рекоа и дека против сите претходници, кои нечесно работеле, ќе бидат поднесени кривични пријави. Тоа го рекоа пред седмата сила, а тие сето тоа од збор до збор го пренесоа до народот. А оние гласила, кој сѐ уште си „тераат“ по наредба на претходните и кукулчиња на ова ставија. Никој ништо не им може. Не ѝ може никој ни на Македонската радио телевизија која „апла“ си тера по свое, а пари добива од Владата.

Против сите рекоа дека ќе поднесат кривични, а ниту полиција ниту јавните обвинителства не ги ангажираа да „соберат“ докази дали навистина е така или не. Досега ниту еден поранешен градоначалник не е обвинет. Зошто? Зошто и по повеќе од една година молчи полицијата и зошто сѐ уште многу од првите луѓе во јавните обвинителства не се сменети или пак само столчето го сменија, а со него ги однесоа и сите докази што ги имаа за „своите“ претходни „другари“. И сега нема докази или пак „испитувањето“ и „собирањето“ на доказите оди многу тешко.

И додека се чекаат доказите голем број од оние што треба да одговараат за сето она што ја доведоа државава на ова дереџе, си седат на старите директорски, управнички, началнички и кој знае уште какви ли не места и сеир си гледаат. Демек тие се незаменливи. Нема подобри од нив. Да, токму како што народот вели: „Ни мува не ги каснува!“ И згора на ова „под мустаќ се смешкаат“ и демократија бараат. Да. Демократија. Велат дека оваа Влада краде, а нивната што со милиони евра ја задолжи Македонија, цвеќе била. Нивните „арамии“ неправилно биле обвинети и дека треба да бидат ослободени. Ако не, нема референдум и нема да го прифатат договорот за промена на името со Грција, кој на Македонија ѝ е единствена виза за влез во НАТО и ЕУ. А и тие велат дека се за НАТО и ЕУ ама сѐ прават Македонија никогаш да не влезе во тоа семејство.

Сите оние што го очекуваа подоброто утре и „живот за сите“ отворено се прашуваат: Кога арамиите и сите други кои десет години цицаа и од народот и од државата и кои земјата ја задолжија до гуша и кои Македонија ја скараа со сите, ќе поднесат сметка. И до кога ајдуците и понатаму ќе бидат газди!? Не е малку време од повеќе од една година! Доста се молчеше!.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...