До ДПМНЕ: Да не се заборави!

Сакам да ги потсетам младите портпароли на ДПМНЕ  за кои имам голем респект, дали се свесни што се случувало во изминатите 11 години? Дали се сеќаваат на наброеите настани кои ја нокаутираа македонската демократија? И како би ги прокоментирале? Убаво е што ДПМНЕ функционира како контролор на власта, но неумесно е да ги величат изминатите 11 години на власт, кои катасрофално ја уназадија Македонија.

3478

Ги следам портпаролите на ДПМНЕ, речиси се натпреваруваат во критиките кон сегашната власт, кон гафовите и пропустите на Заев, кон ситните непотизми, но и слабостите на големите риби од власта. Си велам убаво е ова. Се е демократски, државата доби еден нов амбиент кој ми недостасуваше кога во 2008 се вратив во Македонија. Пред десетина години опозицијата беше замолчена. И она малку што го испраќаа нејзините портпароли не смееше да се објави во тогашните медиуми. Освен чесните исклучоци, кој ли смееше да му противречи на големиот Груевски. Но спиновите на ДПМНЕ не  застануваа на тоа. Се ширеа гласини дека некој странец ги подучувал во нивните валкани агипроп дејанија. Постојано се печатеа некакви си памфлети, се прикажуваа некакви си слики во формат на карти за играње покер, на кои ги препознававме лидерите и раководството на СДСМ како да се уценети глави. Тоа се сеќавам го правеа и американците со водачите на Ал Каеда и останатите меѓународни терористи, но таму приказната беше многу поинаква.

Доколку некој од домашните уредници или новинари пуштеа некој критичен текст, тие мораа да платат огромни глоби или преку ноќ да го изгубат работното место под притисок на врхушката на ДПМНЕ. Оние кои што пишуваа текстови со покритичен тон мораа секоја  негативна констатција или критика кон лидерот или кликата да ја пишуваат во кондисионел. Се чудев што нивниот лидер избегнуваше ТВ-дуели, што ДПМНЕ воопшто не беше присутен на полемични дебати, што лидерот одговараше на однапред подготвени прашања. Сега работите се сменија. Веројатно и самите  се шокирани од слободоумноста на Заев кој прифаќа секаков телевизијски двобој, слободни интервјуа без однапред подготвени сценарија.

Се чудев…

Се чудев на политичката култура на т.н. „жртви на транзицијата“ кои протестираа пред Бихачка иако сите знаевме дека опозицијата беше во нокдаун. Се чудев на крвавите настани на плоштадот, по повод ДПМНЕ-овскиот архитектонски кичерај. Се чудев на црнокошулашите и луѓето со дебели вратови кои се преставуваа како ad – hok невладини организации и физички ги напаѓаа шокираните студентите кои протестираа против популистичкото-карикатурално ругло на Скопје. Се чудев и на протестите  пред Уставниот суд, по повод поништувањето на Законот за воведување веронаука во школите, иако е познато дека Уставот пропишува дека РМ е секуларна држава. Се чудев и на истите фаци, дебели вратови, попски мантии кои ја демолираа општина Центар, по победата на Жерновски, кој наводно ќе ја рушел црквата во центарот на Скопје. Се чудев и на апсењата на Брат Љубе, понижувањето кое му го приредија довчерашните сопартијци. Се чудев на апсењата на цели семејства на Велија Рамкоски. Ме запрепасти мистериозната смрт на најголемото македонско новинарско перо од независноста, храбриот Никола Младенов со кого бев искрен пријател. Патем негов искрен пријател му беше и повампирениот Иванов. Веројатно некаде од горе и самиот Младенов не може да се изначуди на дефигурираниот Иванов и неговите ораторски гримаси од Мечкин Камен.

Престанав да се чудам…

Пополека сите се привикнавме на шоковите кои не смееме да ги заборавиме. Живеевме во медиумски мрак. Се редеа сликите од криминалната продажба на Македонска Банка, корупционата аферата Актор, рушењето на комплексот Космос, затварањето на критичката А1 телевизија и драконските казни, кон уапсени семејства на Велија, тортурата на бремени жени, судењето на осуденици кои се болни од неизлечиви болести кои во носила ги носеле да сведочат во судот на Михајло, понижувањата и исфрлањата на пратениците од Парламентот, убиството на Нешковски. Веќе престанав да се чудам. Дебелите вратови на ДПМНЕ беа главни фраери во градот, располагаа со многу пари и моќ, со резервирани места во кафулињата и дискотеките каде никој не смееше да седне.

Веќе ништо не ми беше чудно во државата Македонија која во една колумна ја нареков Абсурдистан. Престанав да се чудам кога видов какви сѐ автомобили возат, како некогашните вратари и обезбедувања од дискотеклите им станаа главни партнери и богати плејбои. Начув дека најголем странски инвеститор во Македонија бил од Белизе. Убаво, и воопшто не се чудев дека со наши пари врхушката на ДПМНЕ изгради палати, хотели, бензински пумпи.

Не се чудев и дека од проектот „Скопје 2014“ ја направија најголемата пералница на пари на Балканот. Не се чудев дека го донесоа и егзотичниот криминалец  Субрата Рој кого го прогласија за почесен граѓанин на Македонија. Се изненадиле кога наместо виски нарачал чај. Привлечени од неговите лажни ветувања, тие беа готови да се трансформираат во индуси со бели турбани.

Го маргинализираа христијанството и се свртеа кон антиката, дури го скрнавеа и крстот на Водно со онаа огромна кула. Не се чудев и дека цифрите за стиропорот и нелогичните споменици на „Скопје 2014“ достигнаа близу една милијарда евра. Потоа пукна аферата со прислушувањето. Признавам тука малку се зачудив, но морам да им признаам на талентот со кој ја одржуваа власта. Систематски тие паралелно со криминалот ја следеле современата технологија и нејзината имплементација во фалсификување избори, прислушување и уцени на деловните луѓе, политичките противници и сѐ што ќе им посакаше нивната љубопитност. Пукна и аферата Финзи и мистериозното (само)убиство на Коста Крпач кој ризикуваше да стане заштитен сведок. Потоа наиде трагедијата на Смилковско езеро и смртта на тие невини момчиња. Набргу избувна и Кумановската афера, а потоа и упадот во Собранието од 27 април. Следеа авантуризмот на Иванов со аболицијата, судските процеси, бегањето на осомничените…

И после сето тоа, овие веќе помислуваат да се вратат на влас??????????????? Со кое лице? Со кои аргументи? Со која етика и морал? Со која политичка деонтологија? Наводно Заев ја издал Македонија и нејзиниот идентитет? Наводно ќе избоксувале подобар договор со Неа Демократија? Наводно нема да добиеме покана за членство во НАТО и ЕУ, иако целиот свет и Европа го тврдат спротивното. Не ми е јасно како ќе објаснат што на ноги на Заев се подготвува да му дојде целата прва политичка постава на Европа.

Пријателска порака до ДПМНЕ:

Сакам да ги потсетам младите портпароли на ДПМНЕ  за кои имам голем респект, дали се свесни што се случувало во изминатите 11 години? Дали се сеќаваат на наброеите настани кои ја нокаутираа македонската демократија? И како би ги прокоментирале? Убаво е што ДПМНЕ функционира како контролор на власта, но неумесно е да ги величат изминатите 11 години на власт, кои катасрофално ја уназадија Македонија. Кога ги слушате се добива впечаток дека тие како да ги препишувале и сега ги наратираат критиките кои беа упатени од страна на СДСМ кога беше опозија кон ДПМНЕ. Изгледа дека сѐ уште не ги абсорбирале доволно тевтонските гревови и криминали на нивните учители. Веројатно не им е јасно дека во јуни 2017 ние ја доживеавме европската 1989. Промените беа мирни, сомотски и без крв. Единствено е чудно што македонската ТВ-Бастиља, остана во рацете на стариот режим, и што смешниот Иванов сѐ уште мисли дека е Шфарценегер. Овој човек оддава впечаток на средновековен дворски буфон, кој ја погрешил вратата, случајно излегол на бината, а народот му ракоплеска, бидејки испуштил некој неконтролиран звук.

Македонија се ослободи од товарот на авторитаризмот и популизмот, од самоволието на судот и поранешниот Јавен обвинител. Принципот на контролата на власта од страна на опозицијата и натаму треба да се негува. Познато е дека секоја здрава демократија има потреба од силна опозиција, но не само на хартија како што хипокритички се залагаше Латас.

И за крај, кога не се поседуваат доволно аргументи, политикантите се фаќаат за секоја тема која може да ја смали популарноста на власта. Под напливот на „издајничкиот Договор од Преспа“ повеќе никој не зборува за бремето на 11-годишното антидемократско и криминално владеење на ДПМНЕ. Издајниците на македонштината се бараат вон сопствениот двор. Ако треба, согласно познатито популистички опиум, ДПМНЕ и истомислениците ќе продолжат да го лажат народот, ќе ги жртвуваат и НАТО и ЕУ, само за да се придобијат симпатиите на тој ист народ. Денес, во 21-от век, по  тридецениското имброглио меѓу Скопје и Атина, им се чудам на сите они кои не го прифаќаат Договорот од Преспа. Убеден сум дека тоа го прават од незнаење, можеби од злоба и љубомора или од  политички притисок и ревандикација. Макијавелизмот е позната филозофија која е присутна во политиката, но и тоа е пожелно да биде во умерени количини. Не ги одобрувам непотизмот и обидите за збогатување на новодојдените функционери и секогаш сум за транспарентност и одговорност. Единствено можам да забележам дека СДСМ е мошне инертен и недоволно се бори со перманентните напади од страна на опозицијата. Белки и таму некои работи ќе созреат и  малку ќе се преструктуираат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...