До девето колено, Хорхито!

Сега е обратно. Македонија доби силна поддршка од цел свет. Освен од Русија, од Хорхито во канџи и од Мицкотакис, шеф на ВМРО-ДПМНЕ. А зошто? Ниту Мицкотакис, ниту Хорихито се правени од материјал од кој беше Делчев правен Ете зошто тие не се жртвуваат себеси. Ете и зошто жртвуваат народ за спас на себеси!

1500

Претседателот на државата, подобро познат во јавноста како Хорхе или Хорхито, одлета во САД. Веќе стигна да одржи и говор пред некои наши, а во Детроит. Во тој говор рече дека Договорот со Грција кој го склучи владата на Заев бил штетен. Бил, затоа што оштетувал македнски идентитет и јазик. Не пропушти да каже дека тој двапати се заколнал пред Устав. А пак тој Договор требало да менува Устав пред кој двапати се колнел. Тогаш, добро, Хорхито! Да видиме како стои таа работа со јазикот барем. Кој, нели, знам дека добро знаеш оти Грците ни го признаа, написмено дури?

Тој јазик спаѓа во семејството словенски јазици, а македонистиката – наука за јазикот наш насушен, благодарение на Конески стекна рамноправен статус со полонистиката, кроатистиката, бохемистиката, русистиката итн. во областа славистика. Ако не се работи за тој јазик, кој го призна Грција, тогаш секако се работи за оној на Филип Втори и син му Ацика. А кој е тој јазик? Тој јазик е мртов како и оној на старите Грци. Со една мала, ама голема како планина, разлика. Учените лингвисти од рангот на големиот албански балканолог Шабан Демирај ни кажуваат дека од јазикот на Филип и Ацика нам ни останале во наследство не повеќе од 17 збора. И едно големо ништо како литература, античка.

Добро, Хорхито наш е правник по професија. Тој стана и почесен доктор на правни науки на Ломоносов-универзитетот во Москва. Како реален и почесен доктор на правни науки, Хорхито не мора да знае за некој учен балканолог. Уште и етнички Албанец. А пак како етнички, велеучен Албанец, тој секако е – ако не творец, тогаш барем консилиеро за онаа опасна „Тиранска платформа“ за која се залепи Заев кога правеше влада со Ахмети-платформата.

Хорхито не е ниту некој асли семиолог како славниот Умберто Еко кој напиша учена книга „Во потрага по совршениот јазик“. Во таа книга Умберто рече дека, на Хорхито омелениот Ацика, проширил употреба на грчкиот (koine) до каде што стигнал во Азија. Значи, не ширел мајчин , македонски, туку грчко koine ширел Ацика наш.. А зошто грчко? Зошто не својот мајчин? Затоа што Ацика ја читал “Илијадата“ на Хомер на грчки? Затоа што имало еден Ахилеј во неа од кој се восхитил? Тоа го натерало не само да го стигне, туку и да го престигне тој прочуен, прв грчки јунак? Потоа учителот Аристотел, не-Грк, го подучувал на јазикот на кој напишал сè? А тоа е грчкиот кој Ацика го ширел низ Азија!

Има многумина кои велат дека Хорхито бил острастен Ацикофил. Некои од тие велат дека токму тој успеал да му ја „внуши“ (Д. Митрев) на Грујо идејата за фараонските гробишта (Ерофеев) „Скопје 2014.“ Ако е така, а така е затоа што зад тоа стои логиката “каде што има чад има и оган“, тогаш би требало бездруго да знае дека Ацика наш Македонски бил фасциниран не само од јазикот на Грците, туку копнеел да стане – Грк?! Станал не само Грк, туку и најголем Грк во тоа време. Откако, понятно, ги покорил сите грчки градови-државички.

Бидејќи не постои ни најмала можност еден универзитетски професор и доктор на правни науки, згора на тоа и почесен на Ломоносов-универзитетот, да не го знае тоа, останува да се мисли: острите канџи на ВМРО-ДПМНЕ се забиле до коска во неговите меса што обилно крвават за да го каже Хорхито јавно, јасно и громогласно токму тоа што сега ич не сака да го каже шефот на ВМРО-ДПМНЕ Киријакос (пардон: Христијан) Мицковски ни со половина, мртва уста.

А зошто уште, тие канџи на ВМРО-ДПМНЕ толку душмански и бездушно, толку садистички се забиле во месата на Хорхито кутриот, кој не сме да писне? А камо ли да офне. Или, барем, некоја солза да стркала. Затоа што на Хорхито му се паднало да тресе глупости, колосални. Впрочен, кој човек на овој бел свет со збуцани канџи не – тресе? Како почесен на Ломоносов-универзитетот тој уште лично од Путин чуч дека великанот Солженицин рекол: човек правел невидени гадости, од најдолен вид, кога бил во канџите на некои орли мршојадци како, на пример, оние на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа….Ех, потоа!

А зошто тоа ВМРО-ДПМНЕ ги пушта своите орли со железни канџи? Токму сега ги пушта кога, како никогаш досега, како никогаш во својата мачна историја, државичето Македонија се најде во самиот центар на високата,. елитна светска политика? Кога, за само две недели, во Скопје долетаа и слетаа најважните, најкрупни полтички фигури на денешниот свет?

Затоа што, ете, по традиција ВМРО си пука во колено кога е во прашање државичето Македонија. ЦК на ВМРО донесе одлука да крене востание во 1903 без никаква поддршка од тогашните големи сили. И Русија беше против. Беше против и Гоце Делчев кој загина на 4 мај 1903. Тој беше човек “кој се жртвуваше за народ, тој не жртвуваше народ за себеси!“ (Гане Тодоровски)

Сега е обратно. Македонија доби силна поддршка од цел свет. Освен од Русија, од Хорхито во канџи и од Мицкотакис, шеф на ВМРО-ДПМНЕ. А зошто? Ниту Мицкотакис, ниту Хорихито се правени од материјал од кој беше Делчев правен Ете зошто тие не се жртвуваат себеси. Ете и зошто жртвуваат народ за спас на себеси! Туку, сега да прашам: Мицкотакис, имаш ли ти некој срам? Ајде, тебе ти е сефте! Ама ти бре, Хорхито! Знаеш ли ти дека врзуваш за столб на срамот свои потомци до деветто колено? До деветто, Хорхито!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...