„Дојче веле“: По новата методологија, Германија и Австрија очекуваат преговори со Македонија во март

654

Европската комисија ќе ѝ излезе во пресрет на Франција и ќе усвои промени во методологијата на преговарачкиот процес за членство во ЕУ, но нема да ги менува условите за членство, порача портпарол на ЕК во Брисел во пресрет на денешното претставување на измените. Со измените, процесот ќе стане подинамичен и попредвидлив, пишува „Дојче веле“.

– Нема да предложиме менување на условите за членство во ЕУ. Тие услови се многу јасни и тие се дефинирани во договорите – изјави портпаролката на ЕК, Ана Писонеро.

Германија може да „живее“ со предлогот на Комисијата, изјави државниот министер во германското МНР, Михаел Рот во Брисел. Тој пледира Северна Македонија и Албанија по „постигнатите резултати“ сега конечно да добијат сигнал за почетокот на преговорите. Рот се надева дека тоа може да се случи во март годинава.

Според неименуван ЕУ дипломат цитиран од агенцијата Франс Прес, Европската комисија со предлогот „изградила солиден мост“ кон Франција, која претходно инсистираше на промени во методологијата за да се откаже од ветото за почеток на преговорите со Скопје и Тирана.

– Се надевам дека сега Париз ќе се приклучи кон консензусот и ќе го отвори патот за почеток на пристапните преговори – вели дипломатот.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во јануари годинава порача дека нема да дозволи наметнување нови пречки за земјите кандидати.

Рот потсетува дека условите за членство веќе биле „значително променети“. „Сега почнуваме со најтешките поглавја како владеење на правото, демократија, борба против корупцијата и независното судство“, вели тој. И можноста да се стопираат преговорите, според германскиот политичар, постоела и досега како што покажува случајот на Турција.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц се надева дека новата методологија ќе им го отвори патот на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ. Прашан дали очекува почеток на преговорите пред мај годинава, Курц во Берлин изјави дека очекува тоа да се случи наскоро.

– Го поддржуваме тоа, и голем оптимист сум дека тоа ќе се случи – рече Курц.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...