Реформи во областа на јавната администрација кои ќе ја подобрат функционалноста и финансиската дисциплина на јавната администрација и органите во состав на Владата на Република Македонија биле тема на третиот состанок на Советот за реформа во јавната администрација што се одржал денеска во Владата на Република Македонија.
На состанокот биле презентирани првичните наоди од Извештајот за мапирање на институциите и анализата на законската рамка која ја уредува институционалната поставеност, изработени од УНДП, Нацрт – Насоките и известувањето за спроведувањето на Стратегијата за реформата во јавната администрација (2018-2022), како и Акцискиот план и Нацрт – Системот за следење, оценување и известување за Стратегијата за реформата во јавната администрација и акцискиот план.
Имало предлог да се воведе нов систем за висока раководна служба, кој ќе придонесе кон професионализација на високите структури на управување. Се дискутирале предлози за следење на именувања и разрешувања, вработувања и отпуштања, како алатка која ќе придонесе за департизација на јавната администрација.
Министерот Манчевски ја потенцирал нужноста од забрзување на динамиката за спроведување на хоризонталната функционална анализа на органите на државна управа, агенциите и инспекциските служби од централна власт, што ќе овозможи на почетокот од следната година да се започне со имплементација на реорганизацијата.
Министерот Тевдовски истакнал дека оваа реформа е повеќе од потребна затоа што конечно ќе придонесе да се стави финансиски ред во функционирањето на институциите и органите во рамки на државната администрација.
Оваа трансформација во јавната администрација е со поддршка од Европската Унија, а според Тевдовски, ќе обезбеди професионална јавна администрација и беспоштедна борба против корупцијата.
На состанокот присуствуваа министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, претставници од Секторот за европски прашања (СЕП) и претставници од Агенцијата за администрација.