Доста се продаваше политика во Македонија, младите бараат работа!

И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и ДУИ , во името на народот, во името на Македонија, ајде направете нешто добро. Сите да ви „заблазат“! Оставете ги молитвите, оставете ги караниците, „плукнете“ си на рацете и фатете се за работа.

383

„Каде што е потребна мотика молитва не помага“! Така рекол народот. А и така е. Доста само политика се „продава“ во оваа наша Македонија. Доста обвинувања дека едните работат добро, а другите дека само „делничат“. Младите за да не „бегаат“ бараат работа. Треба да се засукаат ракавите. Молитвите и кавгите нема да помогнат. Доста е политика!. Тоа нека го прават политичарите. Доста е со обвинувања дека се што прави Владата нечини. Дајте им работа на работниците, а не молитва. Не ги викајте на демонстрации! Не им ги полнете главите со омраза! Не заборавете дека на едната страна е таткото, а на другата синот. Доста со поделби! Доста од најмало до најстарите во оваа наша Македонија само политика да се води!?

За оние од ВМРО-ДПМНЕ, на чело со лидерот Мицковски, ништо не е добро. Опозиција биле и оправдано им било. Но до каде!? Велат дека нечини Македонија да го реши проблемот со Грција, дека нечини Преспанскиот договор, нечини Македонија да влезе во НАТО и ЕУ. Што за нив чини? Кога некои ќе ги праша што е тоа што чини!? Молчат и не кажуваат! Зошто? Немаат одговор! И наместо да дадат одговор за доброто на Македонија тие само продолжуваат да критикуваат. Знаеле како подобро да го решат проблемот со името, а единаесет години кога беа на влас не го решија. Знаеле се, ама не кажувале за другите да не добијат поени. Гајле им било за Македонија и за македонскиот народ. Најважно за нив било што побрзо да се вратат на државни „јасли“ и повторно да ги „фатат“ фотељите. Важно е да се напаѓа Владата, да се оцрнува! Забораваат дека ако направат нешто добро народецов македонски ќе знае да ги награди, а сегашните да ги казни!

И така Македонија веќе три децении животари. Не живее туку „животари“. Продава политика, а не гради фабрики. Плодната земја и во Овчеполието и во Пелагонија и во Полог и во струмичко и на секаде е неизорана, непосеана. Селата опустеа. Народот си замина. Младите и тоа оние најспособните, инженерите, лекарите, металците и кој ли уште не, кој требаше да бидат иднината и кои требаше на грб да ја носат Македонија, си заминаа. Побараа работа и добри плати, а челниците, оние и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ, наместо работа им дадоа „молитва“. Рекоа ако си „наш“ ќе се најде место за теба, а ако не си, собери си ја дипломата и целиот живот во „крпче“ и фаќај пат во светот за да си обезбедиш парче леб. И едните и другите добро знаат но, ама ич не им е „гајле“ дека Македонија е „преполовена“, дека Македонците си заминаа.

Што треба на опозицијата да и се вети за да дојде до помирување?. За да подаде рака и да почне заеднички да работат за Македонија. Мотиката да ја земат во рака, а молитвата да ја остават за други времиња. Да не бараат „во јајцето влакно“!?.
И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и ДУИ , во името на народот, во името на Македонија, ајде направете нешто добро. Сите да ви „заблазат“! Оставете ги молитвите, оставете ги караниците, „плукнете“ си на рацете и фатете се за работа. Задржете ги младите експерти и направете Европа да дојде во Македонија!. Направете го тоа! Доста мислевте само на себе! Не го заборавајте народот!?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...