Доста ни е од хиперрегулација!

Анализите покажуваат дека во моментов, во Македонија имаме во примена над 3000 законски прописи и речису 25000 подзаконски акти (уредби, правилници, упатства, одлуки...)

255

Потребна ни е дерегулација или саморегулација

Во минатото, владите на државите го користеа законодавството и регулативите за да вметнат ред и да постигнат одредени општествени цели, но во денешно време актуелен е трендот на дерегулација, не заради мода, туку како одговор на прекумерната регулација со прописи, што наметнува потреба компаниите и институциите да најдат нови форми на организација, кои се базираат на доброволни и саморегулирачки активности. Во денешно време општеството функционира на начин што довербата во институциите на системот, а и довербата во компаниите произлегува од нивното транспарентно, функционално, ефикасно и етичко работење, а не само од почитување на задолжителните прописи. Тоа покажува дека за да може да се постигне посакуваното ниво на доверба, потребни се оптимален број правила и прописи, односно една базична минимална правна рамка, која нема да биде ограничување, туку перспектива за развој и можност со саморегулирачки активности и почитување на деловните или општествените принципи да се покаже кој колку вреди, чии услуги или производи се најдобри, кој нуди квалитет …

Анализите покажуваат дека во моментов, во Македонија имаме во примена над 3000 законски прописи и речису 25000 подзаконски акти (уредби, правилници, упатства, одлуки…. ) Ако на тоа го додадеме и фактот што секој закон е изменуван или дополнуван најмалку два пати, а во практиката имаме и закони кои се менувани и по 10 или 20 пати, тогаш, станува јасно дека и најдобриот менаџер, па и најдобриот правник во една институција или компанија не може да ги следи и да ја знае важечката регулатива. Како пример, ќе ги споменам само Законот за работни односи кој изменуван или дополнет 22 пати досега, Законот за градење, кој е менуван и дополнуван 29 пати досега, Законот за животната средина – со 16 измени и дополнувања итн.

Се прашувам колку ресурси (и човечки и финансиски и организациски) се потребни на една компанија за да работи во согласност со важечката регулатива? Овој проблем е уште посложен, ако се работи за компании кои се дел од меѓународни корпорации, кои покрај домашната регулатива, се должни да ги почитуваат и стандардите и принципите на работа на своите матични компании, како и меѓународните стандарди за финансиско известување, кои патем, се различни од домашните стандарди, заради нецелосна усогласеност, и покрај обврската за редовно следење и усогласување во овој дел. Радува фактот што Министерството за финансии најавува дека овој процес на усогласување со меѓународните стандарди за финансиско известување е на добар пат и дека ќе биде завршен најдоцна до крајот на првата половина од 2020 година.

Дерегулацијата е нешто за што бизнисот од одамна апелира дека е потребно да се направи. И навистина не е потребно законско нормирање на прашањата кои претставуваат дополнителен финансиски товар за бизнис-секторот, а немаат економска (пазарна) логика.

Има и случаи каде што претераната регулација во одредени случаи претставува пречка за натамошен раст и развој на бизнисот, а со тоа и кочница во натамошниот економски напредок и на државата.

Како пример ќе го споменам и Законот за трговија на зелени пазари и целиот процес на донесување на законот, негово одлагање, па на крајот ставање вон сила….

Станува збор за Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за трговија на зелени пазари, кој е во собраниска процедура и истиот претставува своевидно решение на процесот на хиперрегулација во оваа област, а иницијативата е произлезена од Стопанската комора на Македонија, согласно барањето на Групацијата на пазари при Здружението на комуналните дејности.

Образложението е многу едноставно, кратко и јасно: Со оглед на тоа дека досегашното искуство покажа дека одредбите од Законот за трговија на зелените пазари не се применуваат, односно анализата на постоење на овие одредби покажа дека натамошната примена на овој закон би довела до социјални и фискални последици врз продавачите на зелените пазари, се оцени дека е потребно овој закон да престане со важност.

Во суштина станува збор за област, чие регулирање пред донесувањето на овој lex specialis за областа трговија на зелените пазари, беше предмет на уредување со Законот за трговија, и тоа само во два члена, кои во суштина ги имаа поставено основите на работење во оваа област, и навистина немаше потреба од нормирање на оваа дејност со посебен закон . Истовремено, за да се спречат сите дејствија кои во државава би значеле вршење на нерегистрирана дејност, постои и посебен Закон за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност, како и посебни закони за различните видови инспекции, кои имаат надлежности при вршењето надзор и спречување и санкционирање на било какви злоупотреби, а тоа се:

– Државен пазарен инспекторат, согласно Законот за државен пазарен инспекторат;

– Државен санитарен и здравствен инспекторат, согласно Законот за санитарната и здравствената инспекција;

– Агенцијата за храна и ветеринарство, согласно Законот за безбедност на храната и

– Министерството за внатрешни работи (сектор за јавен ред и мир).

Зошто да не спроведе едно целосно прочистување на регулаторната рамка во државава и во однос на останата задолжителна регулатива која претставува пречка за натамошен раст и развој на бизнисите?

Дерегулацијата е потребна на сите нивоа, затоа што обемната регулација и во областите каде што реално нема потреба, е вистински кочничар на развој от и работењето на деловните субјекти . На пример, плаќањето на работата, продуктивноста на трудот, техничко-технолошката опременост и слично, се прашања кои треба да ги дефинира пазарниот начин на работење, а не истите да се ограничуваат со правната регулатива.

Ако знаеме дека не можеме преку ноќ да го намалиме бројот на закони и други прописи, или да ги намалиме обврските што од нив произлегуваат, можеме барем да се обврземе да не создаваме дополнителни задолжителни правила на постапување, кои не се неопходни да постојат. А оние услуги или производи, кои се предмет на зголемен интерес кај купувачите или корисниците, секогаш произлегуваат од успешните компании кои, не само што ги почитуваат задолжителните прописи, туку се обврзуваат на почитување и на други дополнителни непишани правила на работење и однесување, повисоки стандарди и принципи, саморегулирачки активности, само за да го придобијат вниманието на крајните потрошувачи.

Според тоа, вреди да се потрудиме да ја заборавиме претераната хиперрегулација и да размислиме на кој начин можеме да придонесеме да имаме оптимална правна рамка во државата, а се останато да биде саморегулирачко, односно да произлезе од потенцијалот за вистински натпревар на пазарот, согласно сопствените вредности и капацитети!

(Авторката е главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања)

ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...