Доста ни е од дијагнози, лек ни треба!

Политичките партии се најмоќните мобилизатори на граѓанките и граѓаните, а просторот за граѓанско дејствување најчесто завршува како партиски активизам или елитизам во кој не се вклучени критични бројки на луѓе, за да може да се изврши коренита промена на политичката култура во општеството.

604

Долг е патот до вистински слободно и демократско општество во кое на граѓанките и граѓаните им се овозможува конкретно, непосредно и сеопфатно вклучување во одлучувањето, во секој сегмент на животот и на системот. Наспроти сите декларации, па и конкретни чекори, институциите сѐ уште боледуваат од тежок процедурализам и бирократија. За опструкциите кои се дел од минирање на реформите и да не говориме. За толерирањето на тие што ги прават опструкциите, па ич да не спомнуваме, да си го расипеме денот.

Безброј пати повторуваната дијагноза полека престанува да биде валидно оправдание. Да, точно е, општеството е трауматизирано, а државата предолго беше заробена, со руинирани институции, со длабоко вкоренета и широко распространета политичка корупција и клиентелизам. Но, до каде стаса промената? Тоа е тревожното прашање кое се надвиснува над животот на луѓето, оној секојдневниот, кога ќе се појде по леб, на лекар, во градинка или на шалтер… Корупцијата мора да се искорени, почнувајќи од бришење на законите што ја легализираа таа корупција, завршувајќи со судски процеси во судови кои се ослободени од коруптивното менгеме на криминалниот режим на Фамилијата. Може и во обратен редослед, нема проблем.

Колку и да мислиме дека се лоши состојбите, тие се, всушност полоши. Колку и да мислиме дека земјава бележи успеси на регионален и меѓународен план, може и подобро и побрзо, ако од големата слика се отстранат внатрешните извори на деструкција и ако се блокираат ветровите што дуваат од исток.

Видовме, ослободувањето од криминалниот режим подразбира и ослободување на тешката реа од долгото распаѓање. Параваните на Потемкиновите села паднаа, па сега се гледа во каква пустина сме живееле, се гледа распадот на вредностите и на системот. Но, треба еднаш од констатации да се прејде во акција. Навистина, доста им е на сите од констатации и дијагностицирање. Тоа што ни треба е лек – решителна акција за заздравување на општеството и државата.

Сите говориме за тоа дека „режимот ја зароби државата“, што е точно до болка. Но, освен државата, структурите на моќта го заробија и општеството. Откако ја заробија државата, политичките партии, значи, сите политички партии го заробија општеството. Тие, пак, не беа единствените што го заробија општеството. Откако ги вградија своите интереси во сите пори на системот, олигарсите го окупираа и општеството, на сличен начин како и политичките партии. Начините на стеснување на граѓанскиот простор и кај партиите и кај олигарсите е сличен, ако не и идентичен, така што резултатите, односно последиците се во крајна линија исти, бидејќи тие структури дејствуваат безмалку од исти позиции.

И по паѓањето на авторитарната, криминална влада на Груевски, граѓанскиот простор останува стеснет. Наспроти декларираните, па и конкретните напори на владата, дел од институциите не ги напуштија старите навики, туку останаа ригидни, гломазни и корумпирани. Медиумите, бизнисот и политичките центри на моќта сѐ уште ни оддалеку не овозможуваат простор за непречено граѓанско дејствување.

Едноставно, тие наметнаа цврста контрола врз медиумите преку кои ја манипулираат јавноста и го стеснија граѓанскиот простор до задушување. Политичките партии се најмоќните мобилизатори на граѓанките и граѓаните, а просторот за граѓанско дејствување најчесто завршува како партиски активизам или елитизам во кој не се вклучени критични бројки на луѓе, за да може да се изврши коренита промена на политичката култура во општеството.

Е, тука се на ред невладините и интелектуалците.

На тој фронт тешко ќе се одвојат фолирантите од искрените и посветените. Исто како што е тешко да се одвои патриотизмот како љубов кон земјата и посветеност кон нејзиниот напредок, од деструктивната и валкана моќ на национализмот. Првите, многу добро се фолираат, а вторите имаат премалку простор, а често и премалку волја да се борат со ветерници. Бидејќи, често се чини дека тоа е, всушност, само борба со ветерници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...