Доста е со демагогии и лицемерие

Јас не го бранам решението затоа што го поддржувам Заев. Напротив. Јас го бранам решението затоа што само приближувањето до ЕУ е начин груевизмот да не биде заменет со заевизам.

4084

Коментирав на тема име во затворена женска група, но гледам многу возбудени националистички коментари, па сакав да споделам мислење јавно. Практично сум убедена дека најголем дел од луѓето од групата името не го даваме прават многу големи компромиси кога личната ја корист ја гледаат сега и овде, и најчесто во материјална смисла.

На пример, ако некој нема стан и во банка му/ѝ речат ние сме спремни да ви дадеме кредит на 30 години, со 1 отсто камата, но проблем е што се викате Рајна, па ако би се прексртиле во Петра, би ви го дале“, што мислите, колку луѓе ќе го сменат името? Ако видат корист сега и овде за себе, се пишуваат Бугари за бугарски пасош без проблем. На граница со Грција, без проблем си внесуваат ФИРОМ, само поскоро да стасаат до грчка плажа.

Но, некој друг треба да им го чува името, бидејќи за нив е тоа апстрактен поим, симбол на национална гордост. Не гледаат од промената на името сега и овде корист за себе и тогаш некој треба да им го чува. Особено, пак, ако се далеку од татковината. Тогаш, додека си ги уживаат удопствата од развиениот свет каде Македонија се стреми и не може да влезе поради нерешениот проблем со името, некој треба во родната им земја уште пожестоко да го брани името, симболот на нивната некаква апстрактна гордост.

Значи, се претера и со лицемерието. Некој собрал храброст, се понел зрело и фатил да го решава проблемот за да ги откочи перспективите за земјата и од приложеното, дал сè од себе да има достоинствен договор. Јас не го бранам решението затоа што го поддржувам Заев. Напротив. Јас го бранам решението затоа што само приближувањето до ЕУ е начин груевизмот да не биде заменет со заевизам.

Една година беше доволна да се види дека поволностите што ги нуди системот на изолација и заробена држава, сака да си ги зграпчи секој што ќе дојде на власт. Заев само можеби не е садист како Никола, но непотизмот, партиските вработувања, корупцијата, остануваат силно вгнездени со ден повеќе со името Република Македонија, а далеку од светот.

Па уште кога ќе прочитам дека не сме биле до сега ФИРОМ, тоа било референца… Добро вие така што тврдите, сте излегле на момент од државата? Ти може да си дома Петре во 60-те квадратни метри, ама ако надвор сите те викаат Стојан, тоа не е баш референца. Да ве потсетам дека гордиот Груевски гордо се шеташе со името ФИРОМ кога беа средбите на ЕПП, затоа што поинаку не му даваат да припари таму.

Затоа, гледајте да се отвори патот кон ЕУ, за да може да се оправи здравството, образованието, да се инвестира во инфраструктурата и луѓето достоинствено да живеат, а не достоинствено да се именуваат, умирајќи по болнички ходници, со деца кои учат од партиски поставени професори, со плата која не е доволна ни за преживување. Зграпчете ја шансата за живот и не ширете демагогии и лицемерие.

(статус на Фејсбук)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...