Доста веќе со тоа кој е надлежен, ајде да видиме кој е паметен!

Аман, нѐ замајувате со глупости - распишете меѓународен конкурс за идејно решение за целосна реконструкција и промена на визурата на централното градско јадро на Скопје. Има луѓе што знаат како се прави тоа!

7248

Петре Шилегов пак се пожали дека Град Скопје нема ингеренции за дислоцирање на дивоградбите и дека надлежноста е на општина Центар. Станува збор, се разбира, за дивоградбите на проектот „Скопје 2014“. Градот имал ингеренции само за пет споменици (од кои еден, Ќосето, веќе е отстранет), додека сѐ друго е во надлежност на Центар. Општина во која на власт е ВМРО-ДПМНЕ. Не, се извинувам, не беше баш така…

Цела една година „стручњаците“ на новата локална и на новата централна власт размислуваат што да се прави со „Скопје 2014“. Освен постојани жалопојки за „дивоградбите“, за прекршените процедури и за поделените надлежности, до сега не чувме ниту една саглам идеја што да се прави со проектот кој го измени ликот на нашиот велеград.

Очигледно е дека луѓето на власт, тие што одлучуваат, освен што веројатно им се допаѓа „барокот“ во кој се заседнати, околу себе немаат сконцентрирано доволно стручно знаење, а им тежат популистичките ветувања дека сите објекти на фамозниот проект ќе бидат урнати. И сега сфаќаат дека е глупаво да се трошат пари за уривање на нешто што е изградено, без оглед што изграденото е скапо, нефункционално и грдо.

Најмал проблем се спомениците и галиите за кои се фатил Петре. Сериозен проблем се зградите и фасадите на „Скопје 2014“. Таму се потрошени милионите евра. Бидејќи не се исплатува тие објекти да се урнат, треба да се направат интервенции кои ќе ја променат визурата на изграденото. Тоа е можно. Во светот постојат многу креативни проекти за вклопување на различни типови архитектура во нова, специфична урбана профилација, која на градот може да му даде еден сосема нов изглед. Неодамна предложив една таква едноставна идеја, по примерот на новата зграда на седиштето на компанијата „Епл“ – симнување на барокниот оклоп на зградата на Владата и обложување на зградата со фотоволтаични панели.

Но, ајде да не се правиме сите паметни. Нека се распише меѓународен конкурс за идејно решение за целосна реконструкција и промена на визурата на централното градско јадро на Скопје. Па да видиме!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...