Досегашниот премиер ќе биде кандидат на СДСМ за премиер

Заев сега е пред одлука и дали на престојните избори ќе биде носител на листа во првата изборна единица, каде што до 2014 година, вообичаено, се водеше „премиерската битка“ или и овој пат ќе се кандидира во четвртата изборна единица

993

Досегашниот премиер Зоран Заев, кој на 3 јануари замина од „Илинденска“ бр.2, ќе биде кандидат на СДСМ за премиер и на престојните парламентарни избори кои треба да се одржат на 12 април.

Според партиски извори, нема дилеми дека лидерот на СДСМ ќе биде и кандидат на партијата за претседател на новата влада што ќе формира по десеттите  парламентарни избори. Сепак, формалната одлука за тоа, како што се посочува, ќе ја донесе конгресот на владејачката партија, кој ќе заседава кон средината на март. На предизборната конвенција, делегатите на СДСМ ќе треба да ги одобрат и кандидатските листи за пратеници на партијата, најверојатно, во шест изборни единици, како што беше и досега.

Откако му ја препушти премиерската „палка“ на својот најблизок соработник Оливер Спасовски, Заев се враќа во лидерскиот кабинет на „Бихаќка“, каде што, според информациите, на политичко ниво ќе ја води изборната кампања на коалицијата на СДСМ.

За шеф на партискиот изборен штаб, пак, пред извесно време беше назначен генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, за кого ова ќе биде прва кампања од таа позиција, со оглед на тоа што беше избран на функцијата по последните избори во земјава,односно изборите за шеф на државата што се одржаа лани напролет.

Во последните неколку месеци, Заев во неколку наврати порача дека ќе бара од граѓаните нов и, како што рече, чист мандат, со оглед на тоа што неговиот досегашен стаж на чело на владата беше само две и пол години. Причина за тоа е што од конститутивната седница на актуелниот сораниски состав до изборот на владата на СДСМ и на ДУИ имаше „пауза“ од дури шест месеци. Исто така, престојните парламентарни избори ќе се одржат околу половина година пред почетокот на редовните термини за избори.

„Спаринг-партнер“ на Заев на овие избори ќе му биде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за разлика од вонредните парламентарни избори во 2014 и во 2016 година, кога негов главен политички противник беше Никола Груевски. Исто така, Заев сега е пред одлука дали на престојните избори ќе биде носител на листата на СДСМ во првата (т.н.) скопска изборна единица, каде што до 2014 година, вообичаено, се водеше „премиерската битка“ или и овој пат ќе се кандидира во четвртата изборна единица. На изборите пред три години, Заев беше кандидат во „четворката“, каде што влегува и Струмица, така што го предизвика и тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Груевски да „се пресели“ како носител на листа во овој изборен регион.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...