Токму затоа и мислам дека не е тоа главната причина. Сакам да кажам дека можеби сите општински и градски институции, а особено оние централнине од типот на ОЈО, ЈО и којзнае уште колку ги има, едноставно не стигнуваат да се бават и со овој проблем. Сосема можно, иако тешко за верување, но сепак. Тогаш – ајде да им помогнеме. Впрочем, тоа е и наша граѓанска должност, не заради власта, таква каква што е, туку заради нашиот град, ваков каков што ни го направија! Сакам да кажам дека ако сите институции во системот, особено оние кривично-правнине (или како веќе се викаат), не си ја знаат работата, треба да им се помогне. Ако сите тие, оние спомнатине ОЈО, ЈО … и којзнае уште колку ги има … навистина не слушнале за „Скопје 2014“, треба да им се раскаже приказната јавно, еве на овој (можен) начин, и да се повикаат на дејствување. Нели тие реагираат на т.н. „допрен глас“? Е па еве го допрениот глас: ИСТРАЖЕТЕ ГО КРИМИНАЛОТ НА „СКОПЈЕ 2014“! Што побргу – тоа подобро, зашто (можеби) има тенденција случајот да застари! Ако пак некој во тие надлежни институции е малку наглув заради годините или заради нешто друго, еве уште еден повик до првиот човек на тие институции, г-динот Јовевски: ИСТРАЖЕТЕ ГО КРИМИНАЛОТ НА „СКОПЈЕ 2014“!
Зошто? Затоа што ова „Скопје 2014“ е врвот на криминалот во Македонија во изминативе дванаесет години. Затоа што ова „Скопје 2014“ „чини“ – да не речам украде – околу (досега) 800 милиони евра, со тенденција кон една милијарда (кога целосно ќе се истражат состојбите)! Во споредба со овој „Рекет“ за кој што сте се фатиле ко слеп за стап – тоа е п.д.! (Имам објаснение што значи оваа кратенка, ама е многу безобразно. Но такво беше и „Скопје 2014“, нели? Но, и дома ме караат, сум бил вулгарен. Барабине изнесоа едно чудо милијарди, овие се прават и глуви и слепи, вклучувајќи го и Јовевски, ама јас сум – вулгарен!?).
Навистина не знам што мислат скопските граѓански организации, што мислат некогашните агилни членови на „Шарената револуција“, што и како мислат некои проминентни протестанти (во сите форми) контра ова „Скопје 2014“ и сите негови нус-појави (меѓу кои, за жал, многумина најдоа пристојно ухлебие кај оваа власт – општинска, градска, централна!). Но, мислам дека мора вака јавно да се предочи, уште еднаш, или повеќепати, „заборавениот“ случај „Скопје 2014“. Таквата „заборавност“ на власта – општинска, градска, централна – е (уште еден) голем минус на нивното конто. И морам да кажам: еден огромен минус, минус што не може да се објасни, оправда, забошоти. Тој минус ќе му виси над главата и на г-дин Јовевски, бидејќи (и) тој сака да ја глуми ролјата „јас не сум одовде“! Еве, сега мора да биде – одоводе, сега има и допрен глас, мора некому да наложи да отвори предмет наречен „Скопје 2014“! И да постапува по истиот!
Извор: Теодосиевски уметност