Дончев: Милевски – Кичеец го знам од јавноста, а со 2 писма и на 2 средби го предупредив Диаверум дека ќе има предистрага за концесијата

На новинарско прашање дали го познава Зоран Милевски Кичеец и дали преку него се обидувал да влијае наместо на Диаверум, на компанија од Албанија да се продаде Диамед, Дончев одговори: “Го знам од јавноста, а немам потреба да одговорам, ова се фактите. Немав ниту една средба со Диамед во врска со продажбата“.

2756

Немало обид да се спречи влез на шведски Диаверум во Диамед и не сум се обидел да спречам странска инвестиција во Македонија – трансакцијата меѓу овие две фирми е регистрирана во Централниот регистар. Со две писма и на две средби укажавме до Амбасадата на Шведска дека е можна истрага за претходно потенцијално незаконска трансакција на сопственоста. Нема да дозволам да ме инволвираат во прикаски – изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, на денешната прес-конференција во Владата.

Дончев излезе во јавноста откако поранешната сопственичка на „Диамед“ Вера Иванова поднесе кривична пријава за Дончев и министерот за здравство, Венко Филипче, со тврдење дека влијаеле шведски Диаверум да не се впушта во  трансакцијата, со што ѝ предизвикале финансиска штета.

– Уште лани во јануари до Шведската амбасада испративме укажување дека планираме истрага околу тоа како е доделена концесијата за центрите за дијализа, кои беа дадени под 20-годишна концесија. Доколку државата предвреме го раскине договорот, ќе треба да плати 20 милиони евра оштета. А профитот што го остваруваат двете фирми, Диамед и Систина, е огромен! Фондот за здравство на Диамед му исплатил 42.500.000 евра до крајот на 2018 година. А бидејќи бројот на пациенти за дијализа постојано расте, приходот кој Диамед може да го очекува од Фондот до крајот на концесијата е најмалку уште 160 милиони евра. Значи, за 20 годишното време траење на концесијата Диамед ќе оствари најмалку 200 милиони евра приход од ФЗО изјави Дончев и додаде:

– Затоа, соочени со овие поразителни факти и одредби од договорите и концесијата, кои не ги штитат ниту државните интереси ниту интересите на пациентите со дијализа, Министерството за Здравство и ФЗО во ноември 2017та започнавме да ги разгледуваме условите и околностите под кои беа издадени концесиите за дијализа. Можело да бидат издадени и на лицитација, а и зошто на 20 години, а не на пет? Тоа е голем монопол цели 20 години да нема влез на трета фирма која би ја вршела дијализата – рече Дончев.

На новинарско прашање дали го познава Зоран Милевски Кичеец и дали преку него се обидувал да влијае наместо на Диаверум, на компанија од Албанија да се продаде Диамед, Дончев одговори: “Го знам од јавноста, а немам потреба да одговорам, ова се фактите. Немав ниту една средба со Диамед во врска со продажбата“.

А во врска со тоа зошто цели 10 месеци пред да почне предистрагата во Јавното обвинителство, во ноември 2018 година, Дончев ги предупредил Швеѓаните од Диаверум за можна предистрага и зошто токму сега излегува во јавноста, откако е поднесена кривична пријава спрема него тој одговори:

– Станав директор на Фондот во август 2017 година и кога почнавме да ја  разгледуваме постапката на пренос на сопственоста на фирмата Диамед на фирма  од Панама, почна да ни станува сомнително и ги предупредивме во Диаверум за можни штетни бизнис -интереси. Ако имало влијание од врвот на претходната власт, и валидноста на договорот ќе биде доведена во прашање. Ми беше јасно дека ќе мора да има истрага за овој случај за добивањето на концесијата на ексклузивни 20 години , кој од предистрага, сега е токму влезен во фаза на истрага во Јавното обвинителство – појасни Дончев.

Тој додаде „Обвинителството треба да утврди дали криминалците се жртви или измамници“. А во врска со тоа дали стравува дека може да излезат и аудиоснимки во јавноста, Дончев не одговори.

Тој на прес-конференцијата во Владата, излезе со тврдење дека на Ристо Новачевски, кум на некогашниот Премиер Никола Груевски и воедно брат на неговата лична секретарка, Диамед Македонија во периодот 2014 до 2017, му исплаќала вкупни износи од:

  • Плата од преку 10 милиони денари
  • Исплата на надоместоци околу 17 милиони денари
  • Разни готовински исплати од речиси 9 милиони денари.
  • Преку картичка на Диамед Македонија, лицето подига 12 милиони денари, кеш пари од банкомат. 

Дончев појаснува: 

– Интересно, во април 2016, кога започнува Вистината за Македонија или таканаречените бомби, следи промена на сопственичката структура при што Вера Иванова префрлува 25% од нејзиниот удел за симболичен износ на компанијата Смарт Холдинг Дубаи. Сопственик на Смарт Холдинг Дубаи се појавува Генерал Солушонс Лимитед, Panama Trustee фирма која беше во скандалот Panama papers. До денеска не се знае кој е конечен сопственик на панамската фирма – изјави Дончев. 

Сопственичката структура на Диамед Македонија, појасни Дончев, од нивниот почеток до април 2016 е Вера Иванова 50 посто и Метромед ДОО 50 насто.Сопственици на Метромед ДОО се повторно Вера Иванова со 50 посто и извесен Оливер Тодоров со 50 насто. Значи, во почетокот, Диамед е 100 отсто македонска фирма.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...