Дончев: „Лекот“ за лековите е систем без месечни квоти и електронско досие за секој пациент

Решението е систем без квоти, само под услов да има строга контрола и увид  и да сме 100 отсто сигурни во веродостојноста и валидноста на секој поединечен  рецепт. Ако тоа го постигнеме, нема да има потреба од месечни квоти во аптеките.Тоа ќе го постигнеме со воведување електронско здравствено досие за секој осигуреник, на кој веќе почнавме да работиме - вели директорот Дончев.

571

Не се согласуваме дека во аптеките нема лекови на товар на Фондот за здравство по 5. во месецот, како што се презентира во некои анкети и во медиумите, дека толку рано ги снемува лековите. Еве, од мартовската квота потрошени се околу 75 отсто од лековите на рецепт, а до крајот на месецот има уште околу 25 отсто, според нашите податоци – тврдат надлежните во Фондот за здравствено осигурување на РМ по онлајн-анкетата на „Макфакс“, во која големо мнозинство граѓани сметаат дека во аптеките нема доволно лекови или дека има само до петти во месецот. Анкетата опфати 2.261 учесник, од кои на прашањето „Дали има лекови во аптеките“, дури 48,4 отсто одговориле дека нема доволно. А според одговорот на 11,6 отсто од учесниците – има  доволно лекови во аптеките.

Сличен коментар стаса и од Сојузот на здруженијата на пензионери, како што објавивме, а чиј претседател Драги Аргировски вели дека бараат бројот на лекови на рецепт да се зголеми и да ги има во сите аптеки во текот на целиот месец, „за да не одиме од една во друга аптека и да бараме лекови. Некаде по 10. и 15. во месецот ни велат „има лекови, ама не на товар на Фондот, купете ги приватно“.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, вели дека за една милијарда денари е зголемен буџетот за лекови – од 1,8 милијарда денари во 2009 година на 2,8 милијарди денари во 2018 година.

– Проблемот со достапноста на лековите на товар на Фондот за здравство не е едностран. Секоја година се зголемува буџетот за лековите на товар на Фондот, а бројот на осигурениците не се зголемува, дури и се намалува, па сега има неполни 1,8 милиони осигуреници. Очигледно, нешто не штима во системот, бидејќи сегашните решенија не дозволуваат комплетен увид во препишувањето и издавањето лекови. Несфатливо е и покрај зголемувањето и на годишните буџети за лекови, а следствено на тоа, и на бројот на издадени рецепти – од 15 милиони во 2009 година на 23,67 милиони во минатата година, повторно да се јавува недостиг од лекови во аптеките. Или можеби го нема лекот во центарот на градот, но го има во аптеката во населбата каде живее осигуреникот – тврди директорот Дончев.

Податоците на Фондот велат дека во овие неколку години, од 2009 до 2018 година, има пораст од 7,5 рецепти годишно по осигуреник на 13 рецепти, значи скоро двојно повеќе издадени лекови.

Една од причините за повремениот недостиг од лекови на рецепт, според надлежните во Фондот, е сѐ уште нерационалното препишување лекови и случаите на злоупотреби со рецепти од страна на дел од фармацевтите.

– Знаеме сите за  „домашните аптеки“ и навиката пациентите да им сугерираат на лекарите кој лек да им биде препишан. Сѐ додека немаме активен увид во состојбата на секој поединец за тоа кој лекар каков лек препишува и за која дијагноза, како и која аптека потоа го издава и фактурира до Фондот во реално време, ќе има нерационално и ненаменско одлевање на здравствениот денар, кој сепак е лимитиран. Според нашите проценки, околу 20 отсто од средствата за лекови на рецепт ненаменски се трошат, па и тоа е една од причините за повремениот недостиг од лекови што се јавува – појаснува Дончев.

А за тоа како влијае несигурноста кај граѓаните – дали лекот ќе го најдат или не на рецепт и по 15. во месецот, сведочи и податокот дека на 1. март биле препишани дури 250.000 рецепти, додека на 18. март матичните лекари издале петпати помалку – 53.000 рецепти.

Еве каде директорот на Фондот го гледа решението за да има оптимална достапност на лековите на рецепт во текот на целиот месец, бидејќи, како што нагласуваат од Фондот, не станува збор за недостиг од лекови, туку понекогаш се јавуваат вакви недостатоци на пазарот, кој, главно, е добро снабден со лекови.

– „Лекот“ за лековите на рецепт е систем без квоти, само под услов да има строга контрола и увид  и да сме 100 отсто сигурни во веродостојноста и валидноста на секој поединечен  рецепт. Ако тоа го постигнеме, нема да има потреба од месечни квоти во аптеките. Тоа ќе го постигнеме со воведување електронско здравствено досие за секој осигуреник, на кој веќе почнавме да работиме. Таму го гледам решението за оптималната достапност на лековите, а овој систем ќе биде комплетно воведен за 3-4 години. Тоа значи дека Фондот ќе има комплетен увид во препишаните и издадените рецепти – вели директорот Дончев.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...