Донесен буџетот за 2020 година

Во текот на расправата, и во комисијата и на пленарната седница која траеше пет работни денови, опозицијата рече дека буџетот е неразвоен и претставува предизборно купување на граѓаните, а владејачките партии истакнаа дека е во согласност со растот на домашната економија и е во насока на фискална стабилизација.

544

Собранието попладнево ги донесе Буџетот за 2020 година и Законот за негово извршување. Буџетот за идната година изнесува 3,9 милијарди евра, приходите се планирани на 3,6 милијарди евра, расходите на 3,9 милијарди евра, а буџетскиот дефицит е предвиден на ниво од 2,3 отсто. Капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 23,6 милијарди денари, економскиот раст се предвидува да биде 3,8 отсто, а инфлацијата да се држи на ниско ниво од 1,7 отсто.

Во десетдневната амандманска расправа во матичната Комисија за финасирање и буџет беа усвоени 12 амандмани кои станаа составен дел на Буџетот. Во текот на расправата, и во комисијата и на пленарната седница која траеше пет работни денови, опозицијата рече дека буџетот е неразвоен и претставува предизборно купување на граѓаните, а владејачките партии истакнаа дека е во согласност со растот на домашната економија и е во насока на фискална стабилизација.

Во своето експозе министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека во фокусот на буџетот за 2020 година се инвестиции во човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор, како и поддршка на домашната економија, продолжување на инфраструктурните проекти, поттикнување нови инвестиции и работни места, зголемен доход за домаќинствата со раст на платите и пензиите,…

Растот на приватната потрошувачка е проектиран на 3,3 проценти, а на јавната два процента. Бруто-инвестициите е предвидено да се зголемат за  осум проценти на реална основа. Позитивен придонес врз растот на инвестициите се очекува да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор, посебно тие во патната инфраструктура, странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони, како и постојаната поддршка на инвестициската активност на домашните и странските претпријатија, поддршката на иновативната дејност и технолошкиот развој.

Во Буџетот за следната година за исплата на плати ќе се потрошат 30,6 милијарди денари, а во тие средства е планиран ефектот од веќе реализираното покачување на платите за пет проценти за вработените кај буџетските корисници во последниот квартал од годинава, како и ефектот од новото зголемување на платите на вработените во образовните институции на централно ниво за 10 проценти. Следната година за тековните трансфери и субвенции ќе се трошат 156,4 милијарди денари. За социјални трансфери се планирани 116 милијарди денари, а 60,7 милијарди денари се наменети за исплата на зголемени пензии. За спроведување на активните политики и мерки за вработување, пак,се планирани 1,3 милијарди денари.

Од вкупно планираните 23,6 милијарди денари за капитални инвестиции,  36 проценти отпаѓаат на патната и железничка инфраструктура, комунална и енергетска инфраструктура. Меѓу останатото, треба да продолжи  реализацијата на првата и втората фаза од пругата кон Бугарија,  реконструкцијата на железничката пруга на Коридор 10, а следната година со заем од Светска банка ќе се реализира проект за локални патишта, преку ИПА средства продлжува изградбата на патната делница Градско- Дреново, Куманово- Страцин…  Ќе се троши и за изградбата на првата фаза од националниот гасоводен систем,  делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар, а со интензивирана динамика ќе продолжи изградбата на водоводните и канализационите системи во општините финансирани од сопствени извори и со средства од кредитни линии од ЕИБ и КФВ банката.

Проектираниот буџетски дефицит за 2020 година изнесува 17,4 милијарди  денари, односно 2,3 проценти од БДП. Ќе бидат потребни и 43,2 милијарди денари за отплати на долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2020 година изнесуваат 60,6 милијарди денари. Тие средства ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар. Разликата меѓу новото задолжување и отплатата на стари долгови во 2020 година ќе изнесува 19,7 милијарди денари (12,3 милијарди денари нето-домашно задолжување преку државни хартии од вредност и 7,4 милијарди денари нето-надворешно задолжување).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...