Домот на културата во Куманово заглавил како дом на угостителски објекти

828

Министерството за култура ќе продолжи со поддршка на институциите од културата во Куманово, истакна синоќа министерот Хусни Исмаили при учеството на манифестациите што се одржуваат во рамки на програмата Куманово град на културата и пет века од неговото постоење, а имаше средба и со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Министерот присуствуваше на отварање на изложбата „Византиски и поствизантиски сакрални споменици во кумановско“ од авторката Славица Крстиќ, во уметничката галерија во Куманово. На изложбата беа презентирани фотографии на дваесетина сакрални споменици од визнатиски и османлиски период во Куманово.

– Во својство на министер за култура за првпат сум во Куманово и морам да истакнам дека навистина сум импресиониран од сѐ она што досега го видов, иако тоа е само еден дел од богатото културно наследство на Куманово – рече министерот.

При посетата на објекти и институции од кумановско Исмаили се запознал со фактичката состојба.

– Бев во работна посета на Куманово и институциите од културата. Успеавме да посетиме неколку објекти и институции, почнувајќи од Коџа Мехмед Беј џамијата, што е споменик под заштита на културата и е во незавидна состојба, препуштен на забот на времето, бевме во музејот, во спомен куќата на Карпош, каде што исто така увидовме дека и таму треба да се интервенира – изјави министерот за култура, најавувајќи дека ресорното Министерство ќе продолжи со поддршката на институциите од културата.

На средбата со Димитриевски, разговарале за тековните активности и проблеми, како и за децентрализација на институциите од оваа област.

– Се надеваме на поскорешна децентрализација, бидејќи сите објекти, особено Домот на културата, предлог временски период беше трансформиран во дом на угостителски објекти и планираме да ја исправиме таа грешка од минатото и културата да ја вратиме таму каде што припаѓа – изјави Димитриевски.

Министерот за култура присуствуваше и на отворањето на 14. „Рома Труба Фест“ на градскиот плоштад, истакнувајќи дека Министерството го поддржа и овој фестивал, а за наредната јубилејна година најави поголема поддршка.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...