Ова е целосно уништување. Ако треба, ќе ја дадам и последната капка крв за да ја спасам оваа шума, изјави Раимундо Мура, припадник на племето Мура, кое вети дека ќе се борат за својата земја.
Најголемата шума на светот, Амазонија, е значајно складиште на јаглерод што го забавува темпото на глобалното затоплување, пишува Би-би-си и наведува дека Амазонија се белите дробови на планетата бидејќи обезбедува 20 проценти од светските резерви на кислород.
Истовремено, Амазонија е дом на околу три милиони видови растенија и животни и околу еден милион домородци.
Мура вели дека секое едно дрво е живо и има право на живот.
– Сега луѓето сакаат да го уништат. Ние ќе се обидеме да го заштитиме ова подрачје, природата и животните – истакна тој.
Како што рече, неговото племе со години е тука, додека уште немало струја или пристапни патишта.
– Сега секој ден се соочуваме со уништување на шумите и грабање на земјиштето. Тажни сме затоа што шумата умира – рече Ханде Вакана Мура, исто така член на тоа племе.
– Веќе гледаме дека климата се менува. На светот му треба оваа шума. Таа е потребна за нас и нашите деца – рече тој.
Фото: EPA/Porto Velho Firefighters/HANDOUT