Во населбата Влае 1 започна пилот проектот на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје за примарна селекција на комуналниот отпад од домаќинствата, која подразбира поделба на отпадот на сува и влажна фракција. За таа намена, минатиот период беа поделени околу 500 корпи во овој дел на Карпош, рече градоначалникот Стефан Богоев.
– Во старите корпи кои веќе ги користат домаќинствата од претходно, ќе се одлага влажната фракција од отпадот: остатоци од храна, овошје, зеленчук, месо, лисја, месо и сл. Во новите корпи за отпад, влаевчани ќе можат селектирано да одлагаат пластика, хартија, стакло и метал – објасни Богоев.
Тој ги повика карпошани правилно да ги користат корпите и паметно да го селектираат отпадот.
– На овој начин, одиме чекор напред во селекцијата на отпадот. Овозможуваме негова повторна употреба и влијаеме во намалувањето на создавање на нови диви депонии. Периодов ја спроведуваме и информативната кампања за правилно одлагање на комуналниот, џебниот, кабастиот, електронскиот и електричниот отпад. За таа цел, на општинската веб страница ги истакнавме сите корисни информации, како граѓаните да се „ослободат“ од отпадот, а поделивме и повеќе информативни флаери и постери – посочи првиот човек на општина Карпош.