Претседателот на ЕПП, Жозеф Дол денеска по завршувањето на Конгресот на ЕПП, имал средба со поранешниот заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески, поранешниот министер Никола Тодоров и исклучената пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова.
По средбата Дол на својот Фејсбук профил објави фотографија и напиша дека ги поканил за да разговараат за загрижувачката ситуација во партијата која е членка на ЕПП по, како што вели, санкциите преземени против оние кои кои гласале за пристапување кон уставни измени што се неопходни за спроведување на Преспанскиот договор за промена на името.
„Сите закани мора веднаш да престанат”, пишува Дол.
Тој вели дека иако е свесен за границите на овој договор, како и за начинот на кој тој беше постигнат, верува дека тој претставува важен чекор кон исполнувањето на евроатлантските аспирации на македонскиот народ.
„Уште поважно, отсекогаш сум бил многу јасен за фактот дека ЕПП ги поттикнува нашите партии-членки, кога се во опозиција, да продолжат да играат конструктивна улога во парламентот, со цел да ги одбранат нашите вредности и да ја направат владата одговорна за своите политики. Сите членки на ЕПП мора целосно да ја спроведат внатрепартиската демократија, да ја почитуваат слободата на мислата и да ги бранат нашите вредности и принципи, вклучувајќи силна проевропска заложба“, се наведува во соопштението на Дол.