Долниот дом на Франција в четврток треба да го ратификува Протоколот за НАТО

Премиерот Зоран Заев завчера од партиската трибина „На прав пат“, на СДСМ во Велес порача дека земјава ќе стане членка на НАТО до крајот на јануари.

201

Националното Собрание на Франција в четврток ќе расправа за Предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Долниот дом на францускиот Парламент се очекува по расправата да го ратификува Протоколот, откако претходно на 17 октомври тоа го стори Сенатот.

По француската ратификација ќе отане уште тоа да го стори Парламентот на Шпанија, кој сѐ уште не е конституиран, со оглед на тоа што таму на 10 ноември се одржаа избори.

Во образложението на предлогот, дадено од француското Министерство за Европа и надворешни работи, се наведува дека пристапувањето на Северна Македонија во НАТО „ќе ја зајакне безбедноста на регионот и на Алијансата во целина“.

– Франција ќе остане особено будна во однос на клучните принципи на процесот на проширување на НАТО, а тоа се проценка на индивидуалните постигнувања на земјите кандидати и нивниот придонес за безбедноста на евроатланстката област – се додава во образложението.

Очекувањата беа дека Протоколот ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки до Самитот на Алијансата закажан за 3 и 4 декември во Лондон, но во Шпанија на 10 ноември се одржаа избори, а таму според процедурите новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември.
Премиерот Зоран Заев завчера од партиската трибина „На прав пат“, на СДСМ во Велес порача дека земјава ќе стане членка на НАТО до крајот на јануари.
Тој рече дека разговарал со шпанскиот премиер Педро Санчес, кој му кажал дека брзо ќе формира влада по вонредните парламентарни избори на 10 ноември.
– Вчера имав прилика да зборувам со шпанскиот премиер. Шпанија бргу ќе формира Влада. Ќе имаме ратификација за НАТО која ја очекуваме. На крајот на ноември Франција исто така ќе го ратификува во парламентот, оти веќе Сенатот заврши. Така сите земји ќе ги ратификуваат протоколите. Верувам дека во јануари, на свечен начин, македонскиот парламент ќе ја направи последната ратификација, како 30. земја-членка. Со тоа ќе станеме земја-членка на НАТО – истакна Заев.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров в среда во Брисел ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет, кој ќе се одржи на ниво на министри за надворешни работи. Со состанокот ќе претседава генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Првиот човек на Алијансата во интервју за Гласот на Америка минатата недела нагласи дека еден од најголемите успеси на НАТО е фактот што со скорешното приклучување на Северна Македонија од почетните 12, Алијансата станува сојуз од 30 земји.
– Еден од најголемите успеси на НАТО е фактот што со скорешното приклучување на Северна Македонија, од почетните 12, ќе станеме сојуз од 30 земји. Многу од нив се членки на ЕУ. Сето тоа значи дека стотини милиони луѓе веќе се придружија на демократијата и економскиот просперитет. Со тоа Европа станува пообединета и помирна од кога и да било претходно – нагласи Столтенберг.

Земјите членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји сојузници во Алијансата, документот треба да биде ратификуван и во Собранието на Северна Македонија, со што земјата станува 30-та членка на НАТО.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...