Долг е патот од Муртино до Стокхолм

Кој можеше да предвиди дека првичните детонации од „бомбите“ ќе завршат со силна „експлозија“ во Преспа што ќе го заниша целиот регион?

2272

Мислам дека во демократско општество, какво што сака да биде Македонија, е сосема во ред да се има скепса околу кандидатурата на Заев и Ципрас за Нобеловата награда за мир. Лошо е кога тоа негирање на евентуалното лауреатско признавање на миротворните заслуги доаѓа како резултат на приземна човечка злоба и лична омраза, карактеристични за, насолзените и згрчени, политички губитници.

Случајно знам дека и на грчкиот и на македонскиот премиер идејата да бидат кандидирани за одличјето на Нобел, на почетокот, пред повеќе месеци, им се чинела како невкусна шега, како давање повод во јавноста да бидат изложени на потсмев и политички понижувања, токму како што тоа сега го прават некои од нивните политички противници. Но, како што мачно и чекор по чекор зрееше процесот за спроведување на Преспанскиот договор на македонска страна – што би рекол Заев: „Никој не ме прашува како од 49 пратеници во Собранието стигнав до двотретинско мнозинство!“ – така и чувството дека таа награда може и да се заслужи се засилуваше. И сега верувам дека кај обајцата на оваа кандидатура повеќе се гледа како на уште еден аргумент за општествено прифаќање на грчко-македонскиот договор, одошто како шанса за сопствена промоција. Таа лична сатисфакција, ако ја освојат наградата, ќе им дојде отпосле.

Што се однесува до Заев, долг е патот од Муртино до Стокхолм. Тој го врви пешки, по секакви временски непогоди и други опасности што демнат низ кривулестите балкански врвици. Неговата политичка кариера од 2014 година наваму е толку згусната, што нему мора да му се чини како пробивање низ густо тесто од кое не знаеш што пециво ќе излезе; почесто личеше на гибаница или на црн леб со тврда корка, отколку на француски кроасан полнет со крем од ванила.

Кој можеше да предвиди дека првичните детонации од „бомбите“ ќе завршат со силна „експлозија“ во Преспа што ќе го заниша целиот регион?

Да ве прашаше некој на крајот од таа, 2014 година, кога Заев за прв пат отишол во кабинетот на неприкосновениот владетел и неовластениот сопственик на тапиите на нашите судбини за да го информира за димензиите на скандалот што го поседува, дали би ставиле скршена жолта пара на облог дека зафатот за рушење на Груевски од власт ќе успее, верувам дека слатко ќе се изнасмеевте и ќе ја сменевте темата на нешто посериозно, за митарењето на мачките на пролет, на пример… Од тогаш до сега, тоа фантастично „македонско сценарио“ (Вучиќ) се разви не само во школски модел за демонтирање на автократски деспоти од власт (Белград, Будимпешта…), туку и за решавање на долгогодишни соседски спорови до степен што и еден пословично мрзелив Брисел, традиционално гадлив кон Балканот, признава дека брзината и супстанцата во успехот на Македонија е уникатна „направија“ чиишто конструктивни последици треба да бидат одбележани како мало меѓународно чудо за мирно решавање на „замрзнати“ регионални конфликти.

Во центарот на целото тоа замешателство се наоѓа Преспанскиот договор: ако се случи овие двајцава, Заев и Ципрас, тоа глобално признание навистина и да го добијат, тогаш Договорот од Преспа добива митолошки димензии, иако и двете конзервативни, десничарски опозиции во Македонија и Грција го прогласија за предавство над сите национални предавства, врз основа на истите, а дијаметрално спротивставени аргументи.

А и еден мој пријател го проколнува Договорот од Преспа, но од сосема обратни, „тричковистички“ позиции: тој смета дека, бидејќи со договорот се гарантира културниот и националниот идентитет на Македонија и на Македонците, документот мора да се прогласи за предавнички и штетен, оти смислата на опстанокот на модерните Македонци е итната неопходност токму тој идентитет да се менува, наместо за него да се држиме како слепци за стап! Тој македонски идентитет, преточен во менталитет на плачковци, на мрзеливост прикриена со народни итроштини, на нерешителност, на неспособност за гледање подалеку од носот, на идеолошка превртливост, на комплекс на инфериорност и така натаму и на тоа слично мора што побрзо да се обезличува, во што Нобел никако не би помогнал. Напротив!

Веќе во првите неколку месеци од идната година, нашите кандидати-нобеловци, Заев и Ципрас, ќе го трчаат маратонскиот круг: дали ќе биде последен или почесен наскоро ќе се знае.

Но, од Нобел, си велам, некоја штета нема да има. Само, кој ќе ја трпи Струмица со тоа карневалот идната година, којзнае што спрдачење ќе има на сметка на Заев…

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...