Во гратчето Суќурај, на хрватскиот остров Хвар, огласот за лекар за општа медицина трае веќе половина година, јавува ХРТ.
Амбулантата во Суќурај е празна. Нема пациенти, бидејќи нема ни лекари. Медицинската сестра е сама. И не ѝ е првпат во 37 години работен стаж.
Три пати неделно на два-три часа во гратчето на испомош доаѓаат доктори од гратчето Јелса. Тоа е привремена мерка, која трае веќе половина година. Толку и трае огласот за лекар, на кого, освен платата и бесплатниот стан, општината нуди и бонус од 6.728 евра годишно.
Најблиската Итна помош е во Јелса, до неа има 53 километри. Патот е лош, жителите на Суќурај велат дека не се стасува во рамките на „златниот час“ на Итната. И не е оваа приказна единствена, тоа е случај и во другите мали места на островите. Лекари нема ни за лек, пишуваат хрватските медиуми.