Доделени пакети со храна за стотина кумановски семејства

114

Прехранбени пакети, денеска по повод Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата, добија стотина семејства од социјален ризик од Куманово, евидентирани како корисници на социјални трансфери во кумановскиот Центар за социјални работи.

Акцијата се организираше со поддршка на претседателот Стево Пендаровски и членовите на неговиот кабинет, Општина Куманово, во соработка со членовите на „Банка за храна МК”, Еурохуман-интернационал Скопје, Националниот ромски центар-Куманово, „Пакомак”-Скопје и бизнис заедницата од Куманово.

– Сиромаштијата е феномен против кој сите треба да се бориме – рече Душко Христов од „Банка за храна“, истакнувајќи дека не само на овој ден, туку секојдневно треба да се помага на сиромашните. Тој пред присутните кажа дека во државава се фрла храна во енормни количини и дека сите треба да се организираат за да се собере и да се понуди на сиромашните. И во Европа, рече се фрла храна, но и таму се собира и се нуди на оние на кои им е најпотребна.

Секретарот на општина Куманово, Десанка Стошевска упати порака дека борбрата против сиромаштијата треба да биде секојдневна и се заблагодари за поддршката на учесниците кои помогнаа за подготовка на пакетите.

Извршниот директор на НРЦ, Ашмет Елезовски повика да се донира храната која не ретко останува и во домаќинствата и во субјектите кои ја произведуваат.

– Не е голема помошта, но праќаме порака дека секој ден е важен за граѓаните, особено за сиромашните и бездомниците – рече Елезовски.

Во државава околу 70.000 луѓе јадат два-три пати неделно, 60 проценти од нив се деца, многу семејства се прашуваат што ќе јадат утре. Сите треба да се однесуваме одговорно да не ја фрламе храната – државата, институциите и граѓанските организации можат да се справат со сиромаштијата, беше пораката која ја упатија организаторите по повод Денот за  борба против сиромаштија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...