Додека ги чекаат неограничените квоти со лекови, скопјани ги испразнија аптеките

Од 1. октомври најверојатно оваа новина планираме да почнеме да ја применуваме и во другите градови, велат од Фондот и нагласуваат дека никој не прецизирал точно кога ќе почнат да важат неограничените квоти со лекови.

205

Погодноста да можат да земаат лекови на рецепт и на крајот од месецот и во септември ќе важи за граѓаните во туристичките центри. Во 43 аптеки во Гевгелија, Охрид, Ресен и во Струга има неограничени квоти со лекови и овој месец, а по овој тест-период се очекува оваа револуционерна новина, најверојатно од октомври, да почне да важи и во другите градови во земјава, со приложување лична карта или пасош од осигуреникот.

А чекајќи да се воведат неограничени квоти, скопјани повторно ги окупираа аптеките уште веднаш на почетокот од месецот, од неделата, и ги подигаа лековите на рецепт, најверојатно исплашени од досегашната практика по 10. или 15. во месецот речиси да не можат да го најдат лекот.

– Што е сигурно, сигурно е! Си ги земав лековите уште вчера, за да не биде како претходно „ни заврши квотата, го има лекот само на приватно“ како што ми се правдаа аптекарите. Овој проблем е веќе со години и треба да се реши. Еве, јас хроничната терапија ја обезбедувам на почетокот на месецот, кога ќе ја земам пензијата, но ако знам дека постојано ќе ги има, нема веднаш да трчам во аптека… Но и да се плашам дали ако, во меѓувреме, ми препишат антибиотик или друг лек кој ми е неопходен, аптеката нема да ми го издаде поради ограничената квота? Баш чекам да видиме дали ќе ги има лековите и по 15. септември, како што најавија, за да не трчам од следниот месец. Но и граѓаните треба да се свесни и да не прават домашни аптеки и без потреба да не инсистираат лекарите да им препишуваат лекови – вели 65-годишниот  скопјанец М.Ј.

Во Фондот за здравство неофицијално појаснуваат:

– Ова е подготвителен период, сега ја проценуваме состојбата во аптеките во туристичките места, па зависно од анализите, од 1. октомври најверојатно оваа новина да почнеме да ја применуваме и во другите градови – велат од Фондот и нагласуваат дека никој не прецизирал точно кога ќе почнат да важат неограничените квоти со лекови.

Се бара чаре за злоупотребите со рецепти 

Одлуката за издавање лекови без квоти и за месец септември 2019 во аптеките кои се наоѓаат во туристичките центри кои припаѓаат на подрачните служби во Гевгелија, Охрид, Ресен и Струга, е донесена од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија на Управен одбор одржан на 30 август 2019 година, а како што се наведуваат оттаму, тоа е резултат на интензивна работа и заложби за овозможување на достапност на лекови на рецепт во текот на целиот месец, а не како досега, кога поради исполнетите квоти по одреден ден во месецот, аптеките остануваа без лекови за осигурениците. Фондот во овој период изнаоѓа нови формули како да ги намали можните злоупотреби со рецептите.

– Фондот за здравствено осигурување работи на намалување на ризикот од можни
злоупотреби и од нерационално препишување и користење на лековите со воведување на дополнителни процеси, апликации и контролни механизми. Лекот на рецепт во аптеката осигурено лице може да го подигне само доколку се идентификува со лична карта односно пасош. Во случај кога осигуреното лице од здравствени или други причини не е во можност лично да го подигне лекот во аптеката, лекот на рецепт во негово име може да го подигне друго лице кое треба да се идентификува со своја лична карта, односно пасош – соопштуваат од Фондот.

Моделот на аптеки без квоти и во месец септември 2019 ќе се применува во 43 аптеки во Гевгелија, Дојран, Охрид, Пештани, Ресен, Крани, Царев Двор и Струга.

До целосно укинување на квотите, лекови ќе се издаваат по старо 

Надлежните напоменуваат дека до моментот на целосно укинување на квотите во сите аптеки во земјава, во септември во аптеките кои се вон горе наведените градови, издавањето лекови на рецепт ќе се врши како и досега.

И министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека состојбата со снабденоста со лековите од позитивната листа се следи, а дека оваа новина – неограничени квоти на аптеките – треба да заживее и во другите градови во земјата. Новината ја најави премиерот Зоран Заев кон крајот на јули оваа година.

45 милиони евра за лекови во 2018 година  

Потрошувачката на лекови на рецепт на товар на Фондот преку аптеките постојано се зголемува – во 2018 година на товар на ФЗОРСМ во ПЗУ аптеките биле реализирани вкупно 23.667.166 рецепти во износ од 2.799.766.239 денари (2,8 милијарди денари односно 45 милиони евра).

Рецептите скокнале за 130,2 отсто во однос на 2008 година  

Во споредба со претходната година во 2018 година бројот на издадени рецепти е зголемен за околу 2,5 отсто, a фактурираниот износ е зголемен за околу 0,5 отсто. Во однос на 2008 година, потрошувачката по број на рецепти бележи раст од 130,2 отсто, а вкупниот износ за нив е зголемен за 112,3 отсто.

Просечната потрошувачка на лекови според бројот на реализирани рецепти по осигуреник за 2018 година е 13,34 рецепти, што е раст од околу 1,8 отсто во однос на 2017 година. Раст на просечниот број рецепти по осигуреник во 2018 година во однос на 2017 година, се забележува во сите региони, со исклучок на Скопскиот, каде има незначително намалување.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...