Во општата, очекувана, што шок – што конфузија – што еуфорија што се создаде околу историскиот, би рекол спектакуларен Договор за решавање на спорот со Грција и нашата политичка одлука да одиме со него на референдум – никој не понуди (повторно на некој начин очекувано) правна анализа за консеквенците на потпишување/ратификација на Договорот и последиците од референдумот врз него.
Имено, за тоа што може од правен аспект да не очекува како задолжение, а што би биле политичките ризици,тешкотии или предности поврзани со исходот на референдумот.
Референдумот е закажан за 30-ти Септември и е закажан како КОНСУЛТАТИВЕН по карактер. Што тоа значи и дали можело поинаку?
По мое мислење тоа е единствено можната форма на референдумот, а да биде некако во врска со споменувањето на референдумот во Договорот (Член 4 – ц, Втората страна ако одлучи ќе одржи референдум )!
Што тоа поточно правно значи?
Тоа значи дека референдумот, неговото одржување воопшто, како и неговиот карактер – се политичка одлука на една од страните (нашата) и не се обврзувачки правен услов на било каков начин за стапување на сила на Договорот. За тоа дали ќе се одржи одлучува необврзано една од страните … и за тоа што со неговиот резултат, политичката корист и штета ја проценува и носи истата страна. Тоа нема, да повторам правно влијание врз важењето на Договорот, кој имено стапува на сила со потпишување на надлежните органи од секоја од страните и негова ратификација од Парламентите на страните.
Од таму препорачување на „обврзувачки“ референдум би било спротивно на одредбите на договорот бидејки со тоа би бил предвиден дополнителен услов за негово стапување на сила само кај една од страните! Тоа не би било во склад со еднаквоста на страните потписнички и стандардите за стапување на сила на договорите во меѓународното право.
Имено, страните треба да бидат еднакви, со еднакви права и обврски во врска со стапување на сила на договорот и со нив да се сложат при неговото потпишување. Една од страните (грчката) јасно се сложила со ваква одредба во Член 4 бидејки ја третирала како необврзна, дополнително-политичка, еднострана и невлијателна за правните последици на стапување на договорот во сила. Тој факт неспорно и бил јасен и на нашата страна!
На тој факт страните би се увериле и на друг начин, имено доколку би настанал спор околу стапувањето на сила на договорот. Судот на ОН во Хаг би влегол во толкување на оваа одредба и стандардите на начин кој би бил, според мое мислење еднозначен: Pacta Sunt Servanta или договорот мора да се испочитува така како е напишан или како единствено може да се толкува членот 4 (ц) односно без правно обврзувачко влијание на стапување на сила на Договорот (….ако едната страна одлучи, што подразбира дека може и да не одлучи воопшто) да има референдум за тоа прашање.
Тоа се допира индиректно и во Член 11 на Договорот кога се вели дека Уставните промени ке се одржат по референдумот (ако страната одлучи таков да има). Значи, не стапувањето на договорот во сила, туку некоја негова одредба се доведува во временска врска со евентуалниот референдум (да се одржи после него, ако него воопшто го има), што подразбира дека ако го нема уставните промени следат веднаш по ратификацијата на Договорот. Ова се споменува бидејќи ургентноста (да се пристапи без одлагање) се споменува во неколку членови и временската рамка е битна за исполнување на веќе стапениот на сила договор (по ратификацијата).
Толку за карактерот на референдумот и неговата правна врска со важењето на Договорот.
Прашањето кое е поставено за референдумско изјаснување е токму на место! Наспроти моделските придики дека требало кратко и јасно, дека содржело три прашања и сл. Прашањето е сложено но како такво неопходно бидејќи е причински-последично поврзано. Имено, ние не би имале Договор со Грција, ниту би преговарале за спорот ако не сме принудени на тоа со блокадата за влез во НАТО и ЕУ, кои пак се наши неподелени и општоприфатени приоротети. Ако сме немале таква блокада ние би влегле во овие организации под ФИРОМ и би продолжиле со надворешната политика живеејќи со спорот и неприфаќањето на Грција на нашето име. Тоа споредено со огромното мнозинство на земји кои не признале под Република Македонија е нешто со што ќе сме можеле да живееме без падивичарењето на некои интелектуалци дека морало се да се реши. Ние не сме можеле тоа да го сториме! Затоа имаме Договор за решавање на спорот и тој е недвосмислено и темелно поврзан со желбата за влез во НАТО и ЕУ и со ништо друго посебно. Токму така и затоа тоа споено и поврзано стои во референдумското прашање – и што тука не е јасно?
Политичките причини за појава на референдумот во спорот со Грција се секако други и карактеристично за нас – глупи !
Тој се појави како „одбрана“ на Груевски во неговите преговарања или што и да беше тоа со тајните служби на Грција за името. Имено некаков „гарант“ дека до тој момент за референдум нема да дојде, а истовремено како квази демократски, реторички гарант дека ќе биде „консултиран народот“ за така важно прашање. Сега кога до тоа сепак дојде, вмровците би биле најсреќни нивниот несреќен и зол лидер тогаш не се вплеткаше во обврската за референдум и сега тие да крекаат што ќе прават со тоа (па се фемкаат не им се допаѓало прашањето која боја било) и веројатно повторно ќе влезат во за нив колективно-генетската мантра да се против секој конститутивен акт за македонската независност и држава.
СДСМ не можеше тој квази демократски-реторичен елемент за спорот (консултација на народот) да го премавне и тој го повтори и сега имаме референдум, не знаејќи што со него! Политичкиот ризик од пораз или пропаѓање се големи, но не се однесуваат на правното важење на Договорот (тој имено е на сила по ратификацијата и важи без оглед на резултатот од референдумот, посебно види Член 1 – Став 2: Страните го признаваат како задолжителен исходот од преговорите…).
На референдумот мора да се победи и веројатно ќе се победи. Но останува горкото чувство дека од политички аматеризам и избегнување одговорност во самиот почеток во оваа операција воопшто се влезе.
Секако бенефитите од победата на референдум се исто така политички големи: решавањето на спорот нема да се врзе како одговорност само за една политичка елита туку ќе има „потврда од народот“ со сеопшто прифаќање на решението и тоа ќе биде секако повтемелено и понеспорно. Победата во можноста да се покрене цензус од 900.000 народ со 460.000 позитивен одговор – ќе зборува триумфално за политичката елита на СДСМ и траорно за ДПМНЕ и противниците. Можноста за притисок кон девастираната група пратеници на ДПМНЕ во Парламентот по референдумот од СДСМ и меѓународната заедница енормо ќе се зголеми за добивање на дво-третинско мнозинство за промена на Уставот согласно Договорот. Веројатно ако оваа операција тргне антагонистички со судир во тој правец и СДСМ победи со позитивен референдум – ќе ги дозаколат на предвремени избори на крајот заокружувајќи го тој дпмневски Ватерло!
ДПМНЕ ова треба да го искористи како шанса за свое помеко трансформирање! Некако сум оптимист со овие гадови, драги мои, не знам што ми е? ДПМНЕ има мантра од која со промена на раководствата не може да искочи. Таа историска матрица го прави во еден можеби колективно-несвесен дел –изопштена партија, ентитет, што и да е од нормална партиска структура на демократијата и македонската држава. Таа е жртва на своето име. Таа не може да не биде на некој, субверзивен начин ТАЈНА И РЕВОЛУЦИОНЕРНА! Таа со тоа има проблем со постоење на независна македонска држава во чии пазуви не може да биде тајно-револуционерна, туку може да биде и на власт? Како изопштен створ со тешко историско-реторичко бреме, како политички Квазимодо се во обид да ја воспостави својата борбена рамнотежа имено да пронајде непријатели против кои ќе се бори (тајно и револуционерно). Нивното искуство на власт беше такво – конспирација и непријатели (внатрешни и надворешни), изолација и насилство. Пљачка како нормално, нешто што и припаѓа на револуционерната организација за што плакаат чорбаџиите и сите други.
Како опозиција ДПМНЕ беше инстиктивно против сите, без исклучок конститутивни чинови на македонската независност и воспоставување држава. Против концептот на Уставот (1991, кога немаше каде се сложи), против влезот во ОН на Македонија (1993), Против Интерим акордот со Грција (1995), против Охридскиот (кога немаше каде потпиша и се обиде да му го товари како одговорност на Борис Трајковски, 2001) и секако против Договорот за решавање на спорот со Грција (2018) и референдумот во врска со него.
Единствена автентична вмровска иницијатива, беше онаа на Љупчо Г. за поделба на Македонија во почеток на конфликтот 2001) која одеше по линија на познатата теза на неговиот сопартиец инаку автентично вмровска: и да ја нема Македонија ВМРО ќе го има. Таму е неговото прородно бидувалиште – кога Македонија ја нема, но се бори за неа во историските граници. Тоа е тој death-drive, таа опсесивна компулсивност на тајноста-револуционерноста , конспирацијата и наводната борба – на вмровците од која се гледа дека не можат се гледа да излезат ни со промената на раководствата. Овие околности на драматичен пораз треба да ги искористат и да се обидат да преживеат како партија без отровната реторика, неа да ја остават во ропотарницата на историјата и да ја спасат од себе, да ја остават со некаква можна позитивна меморија.