Договорот од Преспа е на шестото место меѓу факторите кои би имале влијание врз гласањето на Грците на претстојните евроизбори в недела, покажува истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Капа Рисрч“ за весникот „Етнос“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, на анкетираните им биле понудени 13 конкретни одговори, од кои требало да изберат најмногу пет во однос на факторите што би влијаеле на нивниот избор на денот на гласањето.
„Разврската на скопското прашање и Договорот од Преспа“ е на средината на листата со 29 отсто.
За повеќе од половина испитаници (52 проценти), најголемо влијание има економската ситуација на земјата, позицијата на Грција во Европа е вториот најважен фактор (40 отсто), а потоа следат бегалското прашање (35 проценти), личната идеологија (35 отсто), случувањата во ЕУ и предизвиците со кои таа се соочува (32 проценти), па дури потоа следи Договорот од Преспа.
Во однос на распоредот на силите на грчката политичка сцена во пресрет на европските избори според истражувањето објавено во денешното издание на весникот „Етнос“, опозициската Нова демократија има предност од 3,4 отсто во однос на владејачката СИРИЗА.
Во анкетата на агенцијата „Метрон Анализис“ изработена за грчката телевизија „Алфа“, разликата меѓу двете партии е двојно поголема од онаа објавена во „Етнос“ и изнесува 7,2 проценти.
Она што е заедничко за двете последно објавени анкети е дека ќе се води тесна битка за третата позиција меѓу Движењето за промена и Златна зора. Разликата меѓу овие две партии е само 0,6 отсто.
Според истражувањето за „Етнос“, Златна зора е на третата позиција со 6,9 проценти, а според она за ТВ „Алфа“, трето е Движењето за промена со 5,6 отсто.