Добро е, Мицкоски, ама можеш ти и подобро!

Не велам дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ треба да води кампања за излезност на референдумот, но тврдам дека тој мора јасно и гласно да каже дека ќе гласа и како ќе гласа. Тоа е единствениот начин да демонстрира лидерство, а не само да се вади на почитување на одлуката на нацијата.

6455

Кога ќе се пренебрегнат жестоките напади врз партијата на власт, очекувани за говорот на еден опозициски лидер, како и патетичниот фолклорен стил, типичен за демодираните вмровски асови, клучната теза од обраќањето на Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на протестниот марш во Кичево, е за поздравување. Таа теза значи суштинска еволуција на ставот на партијата за референдумот.

Имено, Мицкоски во Кичево, барем вербално, се изјасни дека партијата нема да го бојкотира референдумот. Тој рече дека „нема партиите да одлучат, за националното прашање ќе одлучи нацијата и нејзината одлука ќе биде конечна за сите партии и за сите политичари“. Со други зборови, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ јавно се обврза да ја прифати одлукатата на плебисцитот. „И сите заедно – рече тој – ќе излеземе дента после тоа пред нацијата и ќе се поклониме, каква и да биде таа одлука“.

Добро е, Мицкоски!

Иако треба да бидеме внимателни и да сочуваме извесна резерва во поглед на опасноста раководството на ВМРО-ДПМНЕ да организира „подземен“ бојкот на референдумот. Најважно е, сепак, дека Мицкоски ја разрешил најважната дилема во овој историски момент – неговата партија, ако сака да опстане како еден од клучните фактори на политичката сцена, не смее ни да помисли да остане надвор од евроатлантскиот процес, а уште помалку да се постави наспроти него. Тоа е рецепт за пропаст. Таква непромисленост можат да си дозволат потплатени пајтон партии и маргинални ликови, но не и една од двете водечки политички сили во земјата.

Јас, пак, мислам дека Мицкоски може и подобро. Секако, доколку навистина сака да се факторизира во вистински лидер на својата партија и да се ослободи од сенката на својот претходник.

Тој мора уште похрабро и подиректно да го артикулира својот политички став и да го тестира меѓу избирачите. Сосема легитимно е тој и неговата партија на референдумското прашање да се огласат и со одговорот „против“, став врз кој почиваше политичкиот хабитус на неговиот претходник. Но, референдумот за ВМРО-ДПМНЕ е одлична, неповторлива прилика да се дознае дали тие наративи сѐ уште врват во народот, или Мицкоски и раководството сепак мора да седнат и сериозно да ги редизајнираат идеолошките приоритети на десничарската партија.

Не велам дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ треба да води кампања за излезност на референдумот. Тоа не. Но, но тврдам дека Мицкоски мора јасно и гласно да каже дека ќе гласа и како ќе гласа. Тоа е единствениот начин да демонстрира лидерство, а не само да се вади на почитување на одлуката на нацијата.

За вистинскиот лидер постои само еден начин да го поведе народот по себе – мора да му го сврти грбот, храбро да зачекори во насоката што ја избрал и потоа да се сврти за кратко, за да види кој го следи. Алтернативата е да се оди постојано свртен со лицето кон народот, а тоа значи да се оди назаечки, како рак. Така не се демонстрира лидерство, туку страв и несигурност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...