Ми требаше Извод од матичната книга на родените. Знам дека може да се извади и по електронски пат. Супер! Тоа би требало да биде брзо и без многу одење од шалтер до шалтер. Одам на веб страницата на Управата за водење на матичните книги (УВМК), и пријатно се изненадувам. На прв поглед, тоа е прегледна страница, а линкот кон постапката за добивање извод е голем и видлив. Кликнувам. Од тој клик па натаму, има изненадувања, но веќе не се пријатни.
Се појавува предупредување дека конекцијата со оваа веб страница не е безбедна. Продолжувам и преку „напредните функции“ на пребарувачот неволно кликнувам на согласноста дека ќе продолжам небезбедно. Се појавува наредната страница на која УВМК се фали дека постапката е брза и ефикасна, а дека плаќањето е безбедно. Ма, дај!
Нејсе, некако се помирувам со сето тоа, преземајќи ризик дека и моите податоци и мојата платежна картичка ги изложувам на тацна пред евентуалните електронски арамии во онлајн просторот. Се брзам, немам избор.
Ја поминувам апликацијата од трета и ја поднесувам. Аха, треба да почекам да ми дојде електронска пошта со известување кога можам да го подигнам документот. Сѐ уште сум сомничав. Но, пораката ми доаѓа само по три часа, готов е документот, можам да го подигнам. Пораката е обична, со ситни букви, не е којзнае колку добро дизајнирана, но си велам, ај да не претерувам со очекувањата. Па, самата конекција и веб страницата не им е безбедна, камоли да дизајнираат пораки сега! Сепак, задоволен сум што одговорот дојде толку брзо, а уште позадоволен сум што работат до 19:30. Значи, не морам да губам од работното време. Добро им текнало!
Одам во УВМК, по лизгавите евтини плочки на вецето „Плоштад Македонија“ и стигнувам до влезот над кој пишува „Една точка за сите услуги“. Шалтери, шалтери, шалтери… Се обраќам на првиот, најблиску до влезот. Љубезно момче ме пречекува и почнува да бара. Го нема документот. Му ја покажувам пораката што ја добив по електронска пошта неколку часа порано. Дознавам дека системот паднал во текот на попладнето и дека треба да чекам уште еден час. И не им напишале порака на сите што се израдувале дента, па сигурно си дошле и наишле на истиот одговор. Сепак, ми велат, да почекам, да видат што може да направат. Во моментот не можат ништо, бидејќи службеникот што треба да го отпечати изводот е на пауза…
По еден час чекање и врткање по студот и мразот, дознавам дека, сепак, мора да се вратам утредента. „До 10 наутро нема гужва“ – ми вели љубезниот службеник. Тоа е. Си заминувам. Измрзнат и уморен, немав веќе сили ни за нервоза.
Утредента, мојот документ го имаше, но веќе бев многу изнервиран. Притоа, на шалтерот имаше уште еден случај како мојот, само полош, го немаше ни документот. Гласно реагирав и им кажав на шалтерските службеници дека не смеат така да си играат со луѓето. Сега ми е криво што подвикнав и им се извинувам за тоа. Тие не се виновни што системот е во катастрофална состојба.
Побарав да зборувам со шефот. Ми покажаа на една врата што беше, погодувате, заклучена. Прашав каде е директорот на институцијата. Ми кажаа дека неговата канцеларија е во поранешната зграда на НИП-от (Нова Македонија), еден километар подалеку. Си велам, ќе појдам кај него и да му кажам што мислам за системот и за малтретирањето…
И што со тоа? Сигурен сум дека знае: конекцијата не е безбедна, а за извод се чека исто како и порано, кога немаше компјутери и онлајн апликации. Разликата е во тоа што за електронскиот систем имало „мрсен“ тендер, а самиот систем е помалку безбеден од порано, кога за услугата требаше да се плати на шалтер во банка. Има и други разлики, познати ни се на сите.
Дали треба да додадам едно „срамота“ на крајот од оваа кратка приказна? Кимнавте со глава? Сметајте за додадено.