Американката Кендис Клејборн, која порано работела во американскиот Стејт департмент, призна дека е виновна за заговор за соработка со кинески агенти, соопшти Министерството за правда на САД.
Како што е наведено во соопштението, Клејборн е обвинета за лажење полицајци и криење контакти на кинески агенти и подароци што ги добила од нив, а на кои за возврат им доставувала интерни документи на Стејт департментот.
Како подароци добивала пари во готовина, одмори во странство, школарина за кинеско модно училиште, комплетно опремен стан и месечна стипендија, се наведува во соопштението, во кое се истакнува дека некои од подароците директно и биле давани, а други преку член на нејзиното семејство.
Во замена за подароците таа обезбедувала копии од документите на Стејт департментот за различни теми, од економски стратегии до взаемни посети на високо рангирани службеници на двете земји, додава Министерството за правда.
Клејборн (63) првично беше осудена во 2017 година, во пресрет на самитот на претседателите на САД и Кина, Доналд Трамп и Си Џинпинг.
Министерството посочува дека и се заканува казна до пет години затвор.