Доаѓаат потешки времиња за нееколошки бизниси

Трендот е јасен. Во годините што доаѓаат секој производ или бизнис ќе биде перцепиран низ призмата на екологијата. Еколошката страна на секој бизнис ќе биде една од трите топ теми на овој век.

815

Франција воведе еко-такса за сите летови од таа земја кон странство. За секој билет во економската класа тоа ќе биде давачка од 1,5 евро, а за оние во бизнис класата 18 евра. Од 2020 година, Франција очекува со оваа мерка да собере 180 милиони евра годишно. Се планира собраните пари да се инвестираат во превозни средства што помалку загадуваат, како на пример железницата. Со ваквиот чекор Франција е своевиден пионер, со оглед на тоа што ваква мерка се уште не е воведена од страна на ЕУ. Но, се предвидува дека од ваква мерка Германија би собрала една милијарда евра, Британија уште повеќе. Мерката е директен чекор против авиосообраќајот кој се смета за голем загадувач. ЕУ проектира дека емисијата на јаглерод диоксид од авиосообраќајот ќе се зголеми за 300% до 2050 година.

Веднаш по воведувањето на мерката вредноста на акциите на некои од главните авиокомпании (ЕрФранс, Луфтханза) се намали за 3 – 5%. ЕрФранс посочи дека заради новата еко-такса ќе имаат дополнителни трошоци од 60 милиони евра годишно, што неповолно ќе се одрази на конкурентноста на компанијата.

Некој во нашава земја ќе рече, па ова нас директно не не’ погаѓа, ние немаме авионска компанија. Така е, можеби не ова, и не сега. Но, ова ќе биде трендот. На пример, од април 2022 година во Британија се предвидува воведување на еколошки мотивирана давачка за секое пластично пакување кое не е произведено од најмалку 30% рециклирана пластика.

Да го земеме и примерот на хотелскиот бренд Мериот. Минатата година во јули од седиштето на компанијата објавија дека Мериот започнува акција со која постепено во текот на една година ќе ги исфрли од употреба сите пластични сламки и пластични мешалки за коктели. Ваквиот чекор се однесува на повеќе од 6.500 објекти од преку 30 брендови што ги раководи Мериот во повеќе од 120 земји ширум светот. Мериот проценува дека на тој начин ќе елиминира користење на преку 1 милијарда пластични сламки годишно, сламки што се користат 15 минути, а никогаш не се разложуваат. Дополнително, ќе се елиминира употребата на околу 250 милиони мали пластични мешалки годишно. Пластичните сламки и мешалки ќе се заменат со биоразградливи хартиени сламки и мешалки од шеќерна трска.

Трендот е јасен. Во годините што доаѓаат секој производ или бизнис ќе биде перцепиран низ призмата на екологијата. Еколошката страна на секој бизнис ќе биде една од трите топ теми на овој век. Сигурно! Во тој контекст, сé повеќе ќе се заострува регулативата ширум светот со давачки мотивирани од еколошки причини, т.н. еко-такси каква што воведе Франција за авиосообраќајот. Со ваквите давачки властите ќе сакаат да ги обесхрабрат компаниите за активности што се сметаат за штетни за животната средина.

Да резимираме. За да станеме свесни за климатските промени веќе не се потребни научни студии. Доволно е да се погледнат временските прогнози и климатските случувања што отстапуваат од сé што помниме од минатото. Постојат сериозни проценки дека човештвото премногу долго се колеба да преземе одлучни чекори за забавување на глобалното затоплување и дека цената за тоа ќе биде огромна. Но, таа свест ќе расте со секое ново невреме, човечки жртви и штети што тоа ќе ги произведе. Во годините што доаѓаат сé повеќе ќе се санкционира нееколошкиот пристап, ќе се воведуваат такси и давачки. Ова е нешто што треба да го има предвид секој оној што сака да има бизнис со добра перспектива.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...