Дното е допрено

Се разбира дека за Груевски нема враќање во врвната македонска политика. Не само затоа што тоа никому не му успеало и во многу поповолни услови (како, на пример, да не завршат во затвор, за почеток), туку и затоа што македонската јавност покажува јасна свест дека со него, со неговиот начин на владеење и со последиците од тоа владеење расчистила за догледно време.

3868

Убаво му тргна на Груевски на вчерашната прес-конференција. Почна со објаснувања дека пресудите што ги очекува ќе биле политички мотивирани, донесени под притисок на „многу повисока инстанца“, на фактори вон судството. Бидејќи тој е несомнен експерт за темата на политичкиот прогон, со стаж од десетина години на развивање на, за влакно, совршениот партиско-политички судски систем за испорачување на нарачана правда, Груевски детално ни објасни како биле повикувани судиите, притискани, убедувани, еден бил и сменет, а судските рочишта и распоредот на судиите се режирани за да се постигне максимален политички ефект од пресудите што ги очекува. Ексклузивно, Груевски ја информираше јавноста дека постои и некаков судски АКМИС систем кој да ти бил наштиман, а можеби и целосно злоупотребен, само нему да му се наштети. Цитирам: „Ова е дно на сите дна до кое е доведено политизираното судство во државата“!

Така говореше Груевски. Човекот кој со години инсистира да живее во паралелната реалност на сопствениот култ на личност и наводна тотална неинформираност за тоа што, навистина, се случуваше во Македонија – на пример, кои се тие „сите дна“ во судството? – за време на неговото долго владеење.

Но, велам, добро му тргна, се трудеше (со очигледни потешкотии, додуша) да делува уверливо, информиран за темата за која говори, со детали што треба да упатат на тоа дека податоците му се сигурни, претставувајќи се себе си како иден политички затвореник без никаква вина за која го судат. Маченик за Македонија, возљубен од премудриот врвен политички арбитар, „народот“! Нелсон Мандела од нашиот сокак. Само малку поимотен.

Ќе му беше попаметно на тоа да застане. Ама, не…

И потоа сè расипа. Почна да раскажува „жолто комбе“ сценарија за важноста на неговото затворање за исходот на референдумот, дека е жртва на сопствените „врвни“ принципи, за тоа колку совесно и чесно работел и дека кога, за некој месец, ќе се врати на власт, во име на „народот“ сите има да одговараат по пат на употреба на методите на Протуѓер, кому му се суди во неколку соседни судници. Мамето мамино, само за некој месец!

Всушност, Груевски од петни жили се труди да ги убеди своите драматично проретчени поддржувачи дека последната година-две е период на само една мала непријатност во неговата политичка кариера која блескаво ќе продолжи веќе идната пролет таму каде што застана пролетта 2017 и дека ова сè што (му) се случува (од Мицкоски во претседателската партиска фотелја, до судењата и најверојатниот затвор што му се заканува) е една привремена транзиција „што треба да се издржи“, бидејќи следува триумфално враќање на власт со големи награди и почести за верните и безмилосни казни за предавниците.

Се разбира дека за Груевски нема враќање во врвната македонска политика. Не само затоа што тоа никому не му успеало и во многу поповолни услови (како, на пример, да не завршат во затвор, за почеток), туку и затоа што македонската јавност покажува јасна свест дека со него, со неговиот начин на владеење и со последиците од тоа владеење расчистила за догледно време. Во нашите животи во Македонија веројатно ќе се изнагледаме уште многу политички глупости и опасни авантури, но историјата и кога се повторува тоа никогаш не се случува со претходните исти актери.

Друго прашање е каков е маневарскиот простор на Груевски за пазарење за своите правосудни предизвици. Вистина, на „сите дна“ на македонскиот правен систем сè уште живеат монструми кои не се извадени на светлото на денот, па затоа мислам дека таа, последна, надеж кај Груевски не е сосема неоснована. Но, се работи само за спасување на сопствената кожа. И ништо повеќе.

Извор: Цивилмедиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...