Тренерот на Рома, Еузебио ди Франческо, размислува да поднесе оставка по поразот со 1:3 од Порто и елиминацијата на неговиот тим уште во осминафиналната фаза од Лигата на Шампионите.
Тренерот одби да зборува пред медиумите по натпреварот, но за неговите намери навести крилото на „волците“, Диего Пероти.
– Тренерот е разочаран, како и сите ние. Дадовме се од себе во 120 минути и болно е да отпаднеме на тој начин. Мислам дека заслуживме повеќе. Порто играше дома и навивачите му дадоа сила, но имавме шанса да победиме. Ние секогаш даваме се од себе, никој не сака да си замине од Лигата на шампионите. Неколку пати кажав дека го поддржуваме тренерот. Тој ќе одлучи што ќе стори, но ние секогаш сме се бореле за него, за Рома и за целиот штаб, изјави Пероти.
За претензиите за пенал во корист на Рома на крајот на натпреварот, Пероти беше разочаран бидејќи судијата не сакал да ја погледне ситуацијата со помош на ВАР.
– Треба да го прашате судијата. Најмногу сум разочаран што тој дури и не ја разгледа ситуацијата лично преку ВАР. Откако системот е достапен, треба да се користи, додаде Пероти.