Гласањето во дијаспората, уште од самиот почеток во 2011 година, го следат постојани коментари и забелешки дека од една таква операција, пред сè, поради слабата излезност, нема некаква посебна полза. Такви се реакциите и сега, во пресрет на септемврискиот референдум, дека остварувањето на уставно загарантираното право на македонските граѓани кои живеат во странство претставува – луксуз.
Податоците се разликуваат меѓу изборните циклуси, но се проценува дека од вкупната сума што Државната изборна комисија (ДИК) ја има за спроведување на изборите, во дијаспората се трошат околу 25 проценти. Од годинашниве околу 3,5 милиони евра за референдумот, вo дијаспората, значи, ќе бидат потрошени околу 900.000 евра. А ако се земе целосно проектираниот државен буџет за 2018 година, во висина нешто помалку од 3,5 милијарди евра, тогаш непотребното „луксузирање“ за гласањето на иселениците изнесува околу 0,03 проценти.
Иако овојпат не се слушаат, нема воопшто да изненади доколку наскоро дел од македонски партии повторно истапат со барања дека гласањето во дијспората треба да се суспендира. Високите средства не го оправдуваат лошиот ефект. Македонската економија се задушува во проблеми, а голем дел од населението е крајно осирамошено. Државата мора да штеди.
На социјалните мрежи, како и обично, не стивнуваат фрустрираните изливи на незадоволство и вистински натпревар во изнаоѓање понаредливи и понижувачки зборови на отфрлање и прогласување за малоумна идејата да им се овозможува на некои што ја напуштиле земјата, од пристојна оддалеченост од повеќе илјади километри да имаат влијание врз политиката и развојот во Македонија. Нема разбирање за тие што доброволно, без принуда, „избегале“ од татковината за да служат и работат за туѓи дворови и интереси, наместо да останале и со патриотски чувства да ја делат судбината со сонародниците во матицата земја.
Кон натамошното продлабочување на нетрпеливоста кон дојаспората, овојпат, свесно или несвесно, свој придонес даде и ДИК, чиј член предложи „иселениците да дојдат во Македонија и овде да го остварат своето право на глас“, поради очекуваната слаба излезност и високите трошоци да се организира гласање во амбасадите. Таквиот „добронамерен“ повик оние што живеат во, на пример, Камбера, Торонто, Берлин или Стокхолм, се разбира, без проблем се очекува дека би можеле да го прифатат, да резервираат авионски билети и да тргнат на далечен пат за да ја исполнат својата граѓанска должност и јасно и недвосмислено да ја манифестираат својата љубов кон татковината.
Но, во исто време останува нејасно од каде ДИК си сема за право на ваков начин да врши деградација на статусот на гласачите, така што дел од нив, заминати во јабана, ќе бидат ставени на понизок ранг, и веројатно нема да замерат доколку државата не им обезбеди рамноправен третман за учество на изборите, (референдумот), онаму каде што живеат. Дали со такви претпоставки ДИК, всушност, има направено квалификувани проценки дека одѕивот меѓу гласачите во дијаспората би бил значајно поголем? Дали би можела да се направи во тој контекст и една можеби груба и донекаде несоодветна, но сепак споредба – колкумина гласачи во Македонија би излегле на избори доколку им биде предложено сите да дојадт во Скопје, а притоа да бидат дадени гаранции дека врз нив нема да биде вршен никаков партиски притисок, изборен поткуп или закани за отпуштање и од работа?
Многупати досега беа актуелизирани разни предлози на каков начин би можело да се олесни и ефективизира гласањето во странство. Споменатите 900.000 евра или можеби повеќе, и овојпат би биле потрешени за надоместоци на избирачките одбори и нивните хотелски сместувања (луксузирања?) и патни трошоци до дипломатските претставништва. Но дали такви избирачки одбори, што се испраќаат во дијаспората, се навистина потребни? Некои земји веќе со децении наназад овозможуваат, освен во амбасадите и конзулатите, и гласање по пошта за своите изеленици, односно гласачите во странство имаат можност својот глас едноставно да го пратат по пошта. Оние што немаат пријавено своја адреса во странство, можат сами да го нарачаат изборниот материјал од изборната комисија, преку амбасадите или, пак, од матичната општина во својата земја. Но доколку гласачите веќе се регистрирани на избирачкиот список, тогаш изборниот материјал и гласачките ливчиња автоматски им се праќаат пред изборите на нивните адреси во странство. Гласачот потоа своите податоци ги наведува на ковертот, при што треба да обезбеди двајца полнолетни сведоци, државјани на истата земја во која се одржуваат избори, што со својот потпис на ковертот ќе го потврдат идентитетот на гласачот што по пошта го испраќа својот глас, што потоа, преку државната изборна комисија, се доставува до избирачкото место во матичната општина на иселеникот.
Таков вид на гласање во дијаспората веројатно во значајна мера би ги намалил луксузирањата за спроведување на изборите во дијаспората. Но без оглед на тоа, едно прашање останува да виси во воздухот. Зошто гласањето на иселениците, кое како дел од непродуктивните трошења, според многумина, се прогласува за буџетски неоправдано и одвишно, и пред сè, прескапо, не се спореди, на пример, со обемот на средствата што се одливаат во „црната дупка“ на фиктивните работни места во пренатрупаната и нефункционална државна и општинска администрација? Или, да речеме, со континуинираните луксузирања со службените возила за приватни потреби, или за енормните сметки за службените ручеци и вечери?
Или, можеби, со често споменуваниот пример на дупката без дно, каков што беше проектот на споменичното украсување на Скопје. Дали финансирањето за одржување на некакви емотивно-историски врски со „мртвата природа“ на камењата на плоштадот може да се стави на кантар со важноста на одржување на живите, витални врски со дијаспората? Одговор на вакви прашања сигурно не се очекуваат од ДИК, туку од македонската Влада и нејзините политики за воспоставување и утврдување на – приоритети.