Дијаспората и козјите уши на Протуѓер

Дијаспората едноставно не можеше да излезе неоштетена од потресите што во последните години предизвикаа длабока криза на македонската политичка сцена.

1933

Нема никакво сомневање дека на многумина во македонското иселеништво им застана кнедла во грлото и со горчлив вкус на непријатно сознание ги доживееја неодамна објавените разговори од „бомбите“ за договарање на гласањето во дијаспората, водени од премиерскиот кабинет. „Таму се во гето“, тврди шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протуѓер, со што уште еднаш јасно и недвосмислено се потврдува дека длабоко раширените предрасуди и негативната деградирачка слика за дијаспората е присутна дури и во највисоките владини инстанци. Со такви погледи и сфаќања во однос на „иселената Македонија“ секако би можеле да се пофалат и други политички субјекти во државата, не само ДПМНЕ.

Нема да биде одвишно уште еднаш да се констатира дека вклучувањето на гласачите во дијаспората во изборниот процес беше претставено како исклучително значаен проект, иако тоа во основа и не можеше на некаков посериозен начин да биде оспорено со оглед на уставно загарантираното право на глас за сите граѓани кои поседуваат македонско државјанство. Друго прашање е што гласањето во редовите на дијаспората воопшто не се прослави како плод на искачување на повисоки стандарди на скалилото на демократскиот развој, туку едноставно со притисоци и пропаганда дијаспората беше искористена како бонус и мал придонес за засилување на „гласачката машинерија“ на режимот.

Барањата на Протуѓер дијаспората за уши да ја вадат на гласање е само уште еден илустративен пример за тоа. Сигурно не е мал бројот на оние што би можеле да потврдат дека тоа што беше објавено од прислушуваните разговори сосема одговара на случувањата на терен, во иселеничките средини. Пратениците на ДПМНЕ срамно се однесува кон иселиниците, препотентно, арогантно и понижувачки, третирајќи ги како гласачи од некаква десета категорија, само за да излезат и да го дадат гласот за нивната партија. Но за уши не беа вадени само иселениците, туку и амбасадорите, а амбасадите едноставно функционираа како партиски институции. Тоа повеќе не би требало, односно не би смеело да се повтори, премногу грдо изгледа.

Слаб, или речиси никаков одзив на гласачи во многу иселенички средини, еднострана комуникација и пренесување на информации непримерени на плуралната демократија и каракатерот на повеќепартиската изборна трка, нејасен и дифузен пристап во контактите со гласачкото тело кое го сочинуваат иселениците, изедначување на улогата на партиските претставници и претставниците на државните институции во интерес на владејачките партии во кампањата, па сѐ до делумно неовластеното регистрирање на гласачи во алтернативни простории, во клубови, цркви, ресторани, и нивно организирано заедничко патување со автобуси до гласачкото место. Во такви услови, преку еден во многу нешта симулиран изборен процес, при што се леат крокодилски солзи и се глуми голема загриженост за улогата и значењето на дијаспората и нејзината поврзаност со матицата, да не се дозволи губење на македонските корени, како и да се стимулира свеста за потребата да се вадат македонски пасоши, излезноста на гласачите во дијаспората остана катастрофално ниска.

Дијаспората едноставно не можеше да излезе неоштетена од потресите што во последните години предизвикаа длабока криза на македонската политичка сцена. Злоупотребата на партизираните институции и режимските медиуми, ставени во функција на интензивни манипулации со избирачите, ни најмалку не го заобиколија избирачкиот процес меѓу иселениците и беа проследени со поделеби, раздор и поттикнување на нетрпеливост.

Резултат на тоа се и актуелните спротивставени гледишта меѓу иселеничките организации, од кои некои тврдат дека остваруваат глобално влијание врз македонската дијаспора, иако, всушност, ниедна организација во македонската дијаспора не располага со неопходна инфраструктура и претпоставки да може да ги артикулира и канализира ставовите и гледиштата меѓу иселениците и нивните здруженија и организации во разни делови на светот.

Таква атмосфера владее и сега, пред одржувањето на референдумот за името и Договорот со Грција, при што, меѓу другото, се дискутира и околу прашањето дали е можно технички да се одржат транспарентни избори во дијаспората. Во секој случај, се чини дека исходот на обидите да се внесе нова енергија во заложбите за зголемување на излезноста меѓу иселениците, но врз база на премисите од претходните негативни искуства, без сомнение би можел да биде означен само со натамошно продлабочување на дистанцата во која дијаспорта сè помалку ќе ја препознава својата улога на креативен чинител во развојните процеси во татковината. А и натамошното продлабочување на поделбите, нетолеранцијата и омразата, тешко би можело да биде надминато и запрено.

Заговарање на методот на вадење на дијаспората за уши на гласање, е ништо друго освен блесава илузија. Од „бомбата“, со инструкциите што ги давал шефот на кабинетот на премиерот, одекна и интригантското и авторитарно восприемање на политиката, како уште еден доказ за соголеното политикантство на „патриотите“, поради што Протуѓер и неговите партиски френдови повеќе не можат да ги сокријат своите лоши намери. Или, пак, да ги замаскираат своите – козји уши.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...