Дисфункционално општество (1)

Впрочем, целиот – или ајде, речиси целиот – вчерашен говор на претседателот на државата беше за дисфункционалното општество и нефункционалната држава. Со сите примери што тој ги наведе.

424

И да, констатацијата од насловот е во принцип песимистичка, безмалу поразителна и навестува општество што се движи надолу, назадува, речиси пропаѓа. Но тоа и не е некоја новост за нашето општество споредено два-триесет години наназад, нели? Се разбира, дозволувам дека можеби и грешам, дека сите показатели и не се толку лоши, ама баш би сакал некој да ме разубеди со мериторни факти, на пример за квалитетот на животот, за здравата животна средина, за состојбата во медиумите, за просечната плата, за квалитетот на образованието, науката и културата … итн. Зашто, извинете, она што (ќе) го слушаме по партиските пресови, собири и митинзи (во пресрет на изборите) сепак не е нашата вистинска реалност. Барем за мене.

И уште едно појаснување: нашите локални состојби не ги пренесувам на глобално ниво односно не мислам дека светот денес е еднакво дисфункционален како и нашево општество, па и ние, ете, сме само делче од тоа друштво. Никако, зашто светот сепак, според сите параметри, се движи напред. За право, се движи и дел од нас со него, оној дел што ја напушта земјата, трајно или времено! Што е уште еден силен податок за состојбите во македонското (дисфункционално) општество. Зашто, ако оваа држава, ако ова општество не е во состојба – не може или не сака (а мислам дека ние сме блиску до тоа!) – на младите да им обезбеди барем елементарни услови за учење, работа и некаква конструктивна иднина, тогаш тие животот ќе го бараат на друго место. А тој таканаречен „егзодус“ – како некои персони ќе научат ново зборче и го пикаат секаде! – не е од вчера, туку е инициран со засилено темпо токму во времето на „најпатриотската“ партија. Иако тоа е де факто ирелевантно, но сепак.

Од друга страна, за разлика од глобалниот фокус, факт е дека не можеме да кажеме дека регионот баш ни блика од функционалност. Има ли (и) тоа влијание врз нашите состојби. Има, нормално, во дисфункционален регион ние не можеме да бидеме поинакви. Ама ние ниту се трудиме да бидеме поинакви! Впрочем, целиот – или ајде, речиси целиот – вчерашен говор на претседателот на државата беше за дисфункционалното општество и нефункционалната држава. Со сите примери што тој ги наведе.

Овде можеби треба да се дообјасни поимот конструктивна иднина. Велам можеби, зашто сепак е доволно јасен и го опфаќа сето она што (не само) младите овде го немаат (не задолжително според предложениот редослед): квалитетно образование, цивилизирана наместо етно-партократска атмосфера, вработување и нормална плата, услови за усовршување и напредување врз основа на знаење и стручност, здрава животна средина, квалитетни здравствени услуги, владеење на правото … итн. Општата континуирана (речиси триесет години) тензична атмосфера, интенционално (или со умисла, како сакате) поттикнуваната меѓупартиска недоверба / омраза и меѓуетнички конфликтни ситуации, политичката и економската нестабилност најчесто филувана со безбедносни проблеми, вештачки одржуваната транзиција и перманентното осиромашување на населението … се далеку од квалитетно и конструктивно секојдневие и особено иднина (не само) за младиот човек. Сите перманентно се судруваме не само со нелогични и налудничави ситуации и пречки што го отежнуваат нормалното функционирање, туку и со отворена нестручност, некомпетентност, неукост, благоглаголивост без основа, етно-партиски комплоти и кршење на човековите права. Правосудниот систем ни се претвори во турска серија, (грото од) медиумите во маалски вувузели, здравството во локален хорор филм, образованието и културата во дилетантски експеримент.

Извинете, ама секојдневно нѐ следи парада на глупости („работничките“ со црвените чадори се дури и најбенигната), таканаречената бизнис елита (а всушност безмалу сите до еден транзициски профитери!) смета дека ги чести работниците со плати од 200 евра, квазиинтелектуалата и струката – која и да е – катаден нѐ бомбардира со невидени лудории. Ни продаваат ефтини конструкции за висока наука, нѐ караат како „ние некогаш и не сме свесни дека сме подложни на корупција“ (што ќе рече дека сите сме имбецили или растенија несвесни за сопствените постапки и ни треба некој од страна да ни каже што сме и кои сме – како со примерот со источниот сосед и нашиот јазик, на пример), во нивниот „научен“ поглед коруптивноста „тешко се распознава“ односно да ти имало „бела, црна и сива корупција“ а кај нас всушност, барем во корупцијата, ги има сите бои на виножитото итн., итн. Испаѓа дека иоле разумен човек дефинитивно нема што повеќе да бара во оваа држава, во ова општество. И никој не говори за дисфункционалноста на општеството, за хиперпродукцијата на скандали и криминали на сите рамништа, за бесперспективноста на државните политики во сите сфери.

Се разбира дека сум свесен, не само јас, за целосната политичка/државна катастрофа низ којашто помина македонското општество во периодот на криминалниот режим, но тоа не може постојано да биде единственото оправдување. Се разбира дека знам, не само јас, дека општеството помина низ невидена морална и интелектуална хаварија, дека ресурсите (па и човечки) беа комплетно ограбени и компромитирани и се разбира дека ми е јасно дека нештата не можат да се вратат дури ни во минимална нормала за кратко време. Но можно ли е секој, или барем повеќето обиди за враќање на животот/општеството во оние посакувани и ветени некогашни какви-такви претходни „здодевни“ состојби да завршува со неуспех? Тогаш и нешто друго не штима, нели? Зашто, ако не повеќе, ние ги имавме основните дијагнози, ги добивме од странците – Прибе и останатите компетентни од ЕУ – и требаше – што? Требаше да најдеме соодветен лек и лекари за поставените дијагнози! Толку ли не мож(в)еме?

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...