Има извесна иронија во целата ситуација со оваа наша мачна евро-атлантска интеграција. Иронијата се состои во тоа што најголемите противници – иако има и други, помали – на потребата од промените на Уставот, се закоравените македонски националисти, со црвени комитски обравчиња, оние радикални Големо-Македонци кои се сликаат со „д-р Еткер“ (Македонија-да-е-цела) поздравот со споен палец и показалец и три раздвоени, исправени прсти… А кога само малку би го намалиле звукот на српскиот турбо-фолк во позадината, би можеле и самите да дојдат до еден најздраворазумски заклучок: токму интегрирана во Европската Унија, Македонија станува обединета, буквално Голема, без прикочување ни за печат во пасошите на своите, формални, источни и јужни граници. Со признаен национален идентитет, со јазик, со Македонија во името и со сите други неопходни културно-политички тракатанци, како заштитени кодови, трговски марки, домени… Да не зборувам за пазари, безбедност, странски инвестиции…
Зошто толку очигледни работи толку тешко се гледаат, како да се пати од кокошкино слепило? Зошто нешто мора да се освои (на сила?… НИЕ?!) за да биде „твое“, а кога ти го даваат на тавта (послужавник), како да е тацна со грчко слатко од три убави, зеленки, релативно компактни, смокви-шербетлии, тогаш на тоа се гледа како на резултат на нечие „предавство“? Зошто тој, во својата суштина, „најголемо-македонски“ проект да се блокира со стотици амандмани, со тропања по маси, со пеење химни и со други купи-ден-помини досетки што им стојат на демократско располагање на сите собраниски опозиции во светот?
Тука работата, веројатно, станува лична. Затоа што ним не им текнало порано; што и ако им текнало, немале храброст да го предложат; а ако и имале доволно кураж да помислат го стават на маса, не биле способни да го испреговараат.
Македонија граби кон своето балканско обединување, а националистите од спротивниот тротоар со ужас и неверување гледаат како тој процес, пред нос, ќе им го спроведат социјалдемократите!?!?… Нема правда, нели?
Добро, таа човечка димензија на фрустрација, на чувство на пониженост може да се разбере. Но, доволно време помина за „масажа“ на чии било суети и супер-ега, не е ли сега моментот за политичко визионерство, макар за прагматичност или барем за мала практичност? Кога веќе некој друг ти ја завршил работата, качи се на возот, патувај кон подобра иднина, живеј…
Проблемот е, сепак, подлабок. Ја допира суштината на македонскиот националистички бизнис-модел, се доведува во прашање смислата за митот за обединување, во ситуација кога обединувањето, практично, ќе биде спроведено. Плус исчезнува потребата за страв од соседите, во ситуација кога соседите ќе бидат дел од системот што ти ја гарантира безбедноста.
Тоа ви е како фирма за производство на свеќи да треба да поддржи туѓа инвестиција за производство на сијалици?! Ќе треба да се затвори дуќанот, да се прогласи банкрот, да се стави клуч на врата, ќе нема веќе муштерии за националистичкиот производ што со децении наназад успешно се нудел. Восокот одамна не се користи за ништо друго, освен за парастоси и погреби.
Ова се дилемите во кои се препелка опозицијата, растргната помеѓу пустата желба да биде модерна, демократска, конзервативна, демохристијанска партија; и стварноста на национализмот и политичката ретроградност во кои е заглавена, изолирана, поапсена, поделена, раскарана. Банкротирана.
Извор: Цивил медиа