Допрезицирање на целокупниот процес на следење на комуникациите, како и на работата на Оперативно техничката агенција (OTA) е целта на амандманите што денеска беа изгласани од пратениците во собраниската Комисија за одбрана и безбедност на предлог законите за следење на комуникациите и за ОТА.
Предлозите денеска заедно со амандманските измени беа усвоени во второ читање во Комисијата и проследени во натамошна собраниска процедура.
Кон законот за следење на комуникациите беа доставени 22 амандмани, а една од предложените измени се однесува на барањето кое го дава јавен обвинител за спроведување на ПИ-мерките, при што тоа барање мора да е писмено, наместо усно како што беше во досегашното законско решение.
– Привремната писмена наредба судијата ја издава врз основа на писмено барање на надлежен јавен обвинител, кој барањето го доставува по сопствена иницијатива или врз основа на писмен предлог на овластено лице од правосудната полиција – образложи пратеничката од СДСМ и потпретседателка на Собранието, Фросина Ташевска Ременски, додавајќи дека со ова се напушта концептот на усно барање од јавен обвинител за привремена писмена наредба, со која ќе се задоволи спроведувањето на ПИ-мерката.
Со неколку амандмани се направија измени на членот 18 од законот за следење на комуникациите, кој беше еден од најкритикуваните и кој ги образложува видовите мерки за следење на комуникациите.
Амандманските измени се однесуваат на нормативно-техничко подобрување во насока на усогласување со дефинициите на одредени термини во процесот на прислушувањете, вели Ташевска Ременски.
– Надзор и техничко снимање се заменуваат со зборовите следење и снимање во, а се бришат зборовите набљудување, додека зборовите звучно набљудување се заменуваат со тонско – појасни Ташевска Ременски.
Со амандманските измени се зајакнува и контролата што јавниот обвинител ја има врз метаподатоците, кои се собираат во процесот на следење на комуникациите.
ОТА, согласно измените, е должна на сопствен трошок да обезбеди и да одржува опрема и медијациски уреди за создавање услови за спроведување на мерките за следење на комуникациите.
Во досегашното законско решение беше предвидено операторите да ги набавуваат и одржуваат медијациските уреди кои се во ОТА, а ОТА само да ги управува.
Ташевска Ременски појасни дека со амандманските измени се цели да се надмине ваквата поставеност на обврските, односно се предлага посоодветно регулирање и надминување на различните ставови и проблеми, кои се јавуваат кај операторите во пракса.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се надворза дека овие измени се на барање на телекомоператорите во земјава, пред сѐ, на помалите, кои немаат капацитет да финансираат вакви уреди.
– Овие измени се со цел да не се доведе во прашања нивната егзистенција – додаде тој.
Кон предлог-законот за ОТА беа предложени и усвоени 11 амандмани. Со нив се укинува заменикот-директор на ОТА. Агенцијата ќе има само директор, за чиј избор исто така се зајакнуваат квалификациите, односно тој освен експерт по инженерство, треба да биде стручен и во сферата на безбедноста.
Со амандманските измени директорот на ОТА ќе се бира со двотретинско мнозинство и со Бадинтерово мнозинство.
Во законското решение се прецизира дека ОТА не поседува технички можности за пристап до содржината на следената комуникација.
– Ова се дополнителни законски гаранции дека ОТА е исклучиво техничко тело, кое нема можност да ја следи содржината на комуникациите, кои се предмет на ПИ-мерките – додаде Ташевска Ременски.
ОТА се очекува да почне со работа од ноември 2018 година, а дотогаш од 1 јуни за заштитата на приватноста на граѓаните и за спречување на евентуални злоупотреби веќе се грижи специјален подофицер, со свој тим.
МВР засега не соопштува каде ќе биде сместена ОТА, колку вработени ќе има, ниту да ги изнесат финансиските импликации за спроведувањето на овие реформи. За реформите е склучено стратешко партнерство со хрватската служба, која е креирана по пример на британската.