Ѓоко Котевски, директор на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари денеска си поднесе оставка од функцијата, откако Премиерот Зоран Заев го прозва на одговорност за вчерашниот инцидент, во кој беа нападнати екс-министрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
– Јас сум одговорен човек, професионалец, посветен на службата и кога службата ќе потфрли, логично е од професионални и морални причини, да се поднесе оставка, изјави Котевски денеска пред затворот во Шутка.
Оставката на Котевски ќе биде доставена в понеделеник, кога и целиот извештај од истрагата ќе биде доставен.
Одговорност и осуда на случајот побара и Премиерот Заев, а министерката за правда, Рената Дескоска, побара во случајот да се вклучи и Народниот правобранител.
Котевски тврди дека инцидентот вербално го предизвикале Ристовски и Јанакиевски, по што биле физички нападнати од двајца затвореници.
Инаку, инцидентот во затворот во Шутка се случи вчера попладнето, за време на прошетката, а уште првиот ден кога беа притворени двајцата поранешни министри, кои се осомничени за настаните од 27 април.
Јанакиески заврши во Градската болница 8 септември, додека Ристовски беше прегледан од лекар во затворот.