По добиената информација за видео настапот на израелскиот амбасадор во Македонија, Дан Ориан на комеморативната манифестацијата по повод 81-годишнина од нацистичката „Кристална ноќ“ во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, извршниот одбор на Дипломатскиот клуб – Скопје се обрати со соопштение за јавноста кое го објавуваме интегрално:
„Дипломатскиот статус и настапите на секој странски претставник подразбираат активности согласно нормите на Виенската Конвенцијата за дипломатски односи од 1963 година, кои што сметаме дека амбасадорот Ориан ги пречекорил во своето излагање на 9 ноември 2019 година, искажувајќи неприфатливи и тенденциозни ставови и мислења за односите и состојбите во одделни субјекти во Република Северна Македонија.
Делови од наводите изнесени во настапот на амбасадорот сe субјективни и се насочени единствено кон истакнување на неговата улога во активностите да се сочува и негува традицијата културно – историското богатство на Евреите во Битола, а со тоа тој всушност создава раздор во зачувување на овие светли еврејски традиции во Битола и во Скопје и во Штип.
Амбасадорот вели дека е „срамно дека еврејските гробишта во Битола биле претворени во ѓубриште“ и дека тој бил „горд дека тоа веќе не е случај“; дека „гледа еден Фонд на Холокаустот и еден Музеј на холокаустот – иако би требало да се бават со некои сериозни прашања“: „гледа дека некои работи не треба само да се покријат или споменат туку и да се поправат“. За него тие прашања се поврзани со потребата да се изврши ревизија во Фондот на Холокаустот, бидејќи „парите на Фондот не се приватни пари. Тие пари се сопственост на Евреите, а тоа значи дека од страна на Фондот треба да бидат редистрибуирани за соодветни цели“. Потоа амбасадорот дели совети за начинот на користењето на средствата на Фондот, за наплатата на влезници во Музејот на Холокаустот и за кадровските промени во него, за што „чул“.
Кога вели дека „тие работи треба да се средат“, амбасадорот Ориан вели „тоа е наша должност, ако ништо друго барем да пробаме“. Како тој мисли да среди работи во друга, суверена земја…?
Сметаме дека со ваквиот настап амбасадорот Оран ја злоупотребил манифестација во Институтот за изнесување на лични ставови, што веруваме дека не кореспондираат со официјалната политика на неговата земја.
Според сознанијата на членовите на Дипломатскиот клуб ова не е прв пат амбасадорот Ориан да се поставува патерналистички кон еврејските организации и институции во нашата земја па зачудува дека во нашата јавност нема сеуште официјална реакција во одбрана на интересите на засегнатите македонски субјекти“, се наведува во соопштението.