Не помина предлогот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ точката за разрешување на министерката за труд Рашела Мизрахи да се симне од дневен ред. Димовски откако претседателот на Собранието ја отвори новата седница предложи разрешувањето на Мизрахи да се симне од дневен ред оти според него, е противуставно, и побара премиерот Оливер Спасовски да си поднесе оставка.
– Пола влада овие два дена е во Собрание, но не е првпат. Рашела го нема прекршено уставот напротив техничкиот премиер Оливер Спасовски и владата го имаат прекршено Уставот оти според Преспанскиот договор поглавјето за труд не е отворено и оттука Рашела не го прекршила Уставот со тоа што се обраќала пред табла на Република Македонија. Вие го прекршивте Уставот и тоа во полза на Грција. Повлечете го предлогот и вие Спасовски поднесете си оставка – рече Димовски.
Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара Собранието да гласа за законот за јавното обвинителство.
– Ја разбираме итноста која што ја имавте и барам законот за јавно обвинителство да го ставите на гласање оти во салава има 100 пратеници. Пред да ја затворите седницата ставете го законот на гласање и да продолжиме со новата седница – рече Мицевски.
Џафери одговори дека работата по 135 седница е прекината и дека за нејзиното продолжување ќе бидат известени.