Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара Собранието да го одземе легитимитетот на Владата да продолжи сама да работи за прашањето за името.
Тој ѝ забележа на власта дека не ја почитува волјата на граѓаните изразена на референдум и дека во текот на преговорите со Грција, власта ја исклучила опозицијата, па дури и за референдумското прашање. Тој кажа дека не треба да се оди со глава во ѕид и дека не треба да се гледа црно-бело на ситуацијата.
– Владата излегла надвор од мандатот кој го имала при процесот на склучување договор со Грција. Ако Владата сакала да оди надвор од својот мандат требало да побара поддршка од Собранието – рече Димовски.
Тој повика пратениците да се држат до резолуцијата од 2008 година донесена во Собранието со која се утврдуваат националните интереси на Македонија.
Тој е против промената на Членот 49 кој се однесува на македонските малцинства.
– Измената на 51 член и Преамбулата е нешто што некој ни во најлош сон не можел да го предвиди. Повикувам единствено нешто што ова Собрание може да констатира е дека овој предлог од Владата треба да се врати на документите од 2008 години кои се последни обврзувачки документи за оваа и за која било идна влада. Тоа е единствениот начин на кој може да се излезе од оваа ситуација во која сите се донесовме. Не обвинувам никого и не сакам никој да прифати вина на било што. Потоа да ги најдеме точките за кои можеме да најдеме консензус. Собранието да го одземе легитимитетот на оваа Влада да продолжи сама да работи на ова прашање – рече Димовски.