Со читање на предложените докази од СЈО, а сега преземени од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска продолжи судењето за предметот „Титаник“, кој се наоѓа во доказна постапка.
Рочиштето почна со читање на 4.851 доказ од околу 5.900. Предметот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.
Пред почетокот на расправата адвокатот Еленко Миланов рече дека овластувањето на обвинителката Стефанова е спротивно на законот за Јавно обвинителство. Според него, иако за Стефанова нема податок каде ја извршува својата функција таа е вратена во ОЈО Радовиш.
Тој смета дека републичкиот јавен обвинител немал право да го овласти обвинителот од ОЈО Радовиш бидејќи според правната квалификација на предметот може да го застапува само обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.
Осомничениот Илија Димовски постави прашање до судот кој е правниот основ за превземање на предметот од страна на ОЈО и дали обвинетите имаат право на такви информации и побара увид во писмото на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева за предавање на предметите на републичкиот обвинител Јовески. Тој побара увид и во документот да видат каде е заснован работниот однос во овој момент на обвинителката Стефанова. Димовски побара запирање на постапката до добивање одговор на поставените прашања.
Адвокатот Боро Тасев рече дека се заборава дека во законот за СЈО се ставени гаранции за неговата автономност и независност и тој закон се уште е во сила. Со преземање на предметите од друго обвинителство овие силни гаранции се бришат. Тие гаранции беа за спречување на влијание врз обвинителството и предметите. Со бришење на тие гаранции ќе се наруши принципот на правичност и фер судење, рече Тасев и побара одложување на рочиштата до разрешување на дилемите.
Обвинителката Стефанова рече дека нејзиното присуство денеска го поткрепила со овластување кое го доставила.
Судот ги одби сите предлозите на одбраната и обвинетите и предлогот на адвокатот Боро Тасевски. Според судијата Шабани обвинителката доставила уредно овластување и може да продолжи со предметот.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ се обвинети и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се обвинети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.