Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е еден од учесниците во процесот „Жан Моне“, вели дека нема големи очекувања дека на претстојната средба што ќе се одржи утре и в сабота во Собранието ќе бидат надминати одредени различни позиции за спорните прашања за парламентарниот Деловник.
– Немам големи очекувања. Тој процес трае подолго, трае две години. Немаше никаква спремност од страна на владејачкото мнозинство да прифати предлози од опозицијата кои ќе значеа поефикасен Парламент и немам чувство дека сега на крај на мандатот ќе може нешто да се промени од тој аспект. Овој Парламент е практично во момент на згаснување и немам големи очекувања – изјави Димовски.
Димовски вели дека на средбата може да бидат реафирмирани ставовите во врска со независноста на Собранието.
– Остануваат уште многу битни сегменти – независноста во обезбедувањето, независноста во функционирањето на Буџетот во Собранието, но околу Деловникот немам чувство дека може нешто посериозно да се случи – рече Димовски.
Спорни прашања меѓу опозицијата и власта, како што потврди денеска на средба со новинарите претседателот на Собранието Талат Џафери, се она за промена на името на државата во Деловникот, начинот на избор на генералниот секретар на Собранието, исто така се бара двотретинско мнозинство за гласање на потребата за донесување на законите по скратена постапка, а ќе се разговара и за календар за работа на Собранието. За двотретинско мнозинство за законите по скратена постапка, Џафери рече дека е спорно и неуставно, но исто така дека кај нас е проблем воспоставување календар за работа на Парламентот од повеќе причини, но најважното е дека нашето Собрание е во постојано заседание.
Пратеникот Димовски потврдува дека има големи разлики, но додаде дека факт е и оти има усогласени работи околу тоа дека Конститутивната седница на Парламентот треба да е дефинирана многу попрецизно.
– Но, има и многу работи кои две години одбиваа да ги прифатат. Ако нешто променат во односот, ќе видиме, но ви велам сакам да бидам искрен и со јавноста и со колегите, немам преголеми очекувања. Сепак, овој парламентарен состав не беше на ниво на задачата да направи прогрес во овој сегмент од својата работа – смета пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Утре попладне и во сабота во Парламентот ќе се одржи третата парламентарна средба во рамки на процесот „Жан Моне“, на која ќе учествуваат и новите европратеници – известувачот за Македонија Илхан Ќучук, и Андреас Шиедер и Марион Валсман.
Се очекува на оваа средба да стане збор и за евроинтеграцискиот процес и претстојните предвремени парламентарни избори.